Европската Унија нема да започне разговори со британскиот премиер Енди Барнам за долгорочните односи меѓу Лондон и Брисел сè додека британската влада јасно не одлучи дали сака да го започне процесот на откажување на Брегзит, изјавија европските дипломати за „Гардијан“, предупредувајќи дека сегашниот пристап на постепено подобрување на соработката ги достигна своите граници.
Во Брисел очекуваат Барнам прво да ги дефинира своите планови на внатрешнополитичкиот фронт, пред да се отворат преговорите за идниот статус на Велика Британија во односите со ЕУ.
Сепак, се очекува дека заедничката изјава по самитот на ЕУ и Велика Британија, закажан за петок во Брисел, ќе го објави продолжувањето на разговорите за вклучување на Лондон во единствениот енергетски пазар на Унијата, борбата против нерегуларната миграција и продлабочувањето на соработката во областа на одбраната и безбедноста.
Во понеделник, по самитот, Бернам треба да ги претстави следните чекори, вклучувајќи ги и плановите за започнување „национален дијалог“ за тоа како би можел да изгледа идниот поблизок однос со ЕУ.
Преговарачите на Брисел и на Лондон сè уште работат на усогласување на текстот на договорот. Според протечен нацрт-документ, постојат несогласувања околу барањето на ЕУ Велика Британија да се обврзе да се придржува кон европските мерки за заштита на трговијата, како што се царините за кинеските електрични возила, во замена за вклучување во законската рамка „Произведено во Европа“.
Лондон се залага за помека формулација, која би се обврзала само на напор за доследна заштита на синџирите на снабдување на двата пазара и спречување на потенцијални ризици од заобиколување на трговските мерки.
Извор од британската влада оцени за „Гардијан“ дека прашањето за формулацијата на иницијативата „Произведено во Европа“ е најчувствителната точка во преговорите, додека функционер на ЕУ изјави дека токму ова прашање би можело да остане отворено до последниот момент во петок, пренесува Политика.
Поранешниот главен преговарач на Европската Унија за Брегзит, Мишел Барние, ја предупреди Велика Британија дека, доколку одлучи да го започне процесот на враќање во Унијата, нема да може да ги избере само оние придобивки од членството што ѝ одговараат, пренесува Политика.
Највисоките претставници на Европската Унија денеска во Брисел ќе се сретнат со британскиот премиер Енди Барнам, во обид да ги подобрат односите десет години по референдумот на кој Велика Британија гласаше за напуштање на Унијата, пренесе ДПА.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и Барнам се очекува да постигнат договор за олеснување на правилата за престој на млади лица во странство, како и за намалување на дел од административните пречки воведени со Брегзит.
Ова е втора средба на највисоко ниво меѓу Велика Британија и ЕУ откако земјата формално ја напушти Унијата во 2020 година. Средбата се одржува во период кога Барнам, кој ја презеде премиерската функција во јули, отвори дебата за можноста Велика Британија повторно да ѝ се приклучи на ЕУ.
Барнам планираше пред самитот да ги претстави можностите за идните односи на неговата земја со Унијата, но во меѓувреме го одложи тој рок.
Поранешниот британски министер за одбрана, Дејвид Лами, предложи враќањето во ЕУ да биде една од клучните точки на изборната програма за следните парламентарни избори што мора да се одржат најдоцна до 2029 година.
Сепак, враќањето на Велика Британија во Унијата во блиска иднина се смета за многу малку веројатно. Преговорите за членство во ЕУ можат да траат со децении и бараат едногласна поддршка од сите сегашни земји-членки.
Во самата Велика Британија, Брегзит не успеа да ги надмине длабоките општествени поделби, а многумина денес го сметаат за еден од факторите што придонеле за економскиот пад на земјата, пренесува МИА.
Фото Економија и бизнис








