БОЖИНОВСКА НА P-TEC: ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ ЗАВИСНОСТ ОД ЕДЕН ИЗВОР НА ГАС, СЕ ОТВОРААТ НОВИ ЕНЕРГЕТСКИ ПРАВЦИ И РЕГИОНАЛНИ ПОВРЗУВАЊА

Северна Македонија гради нова енергетска инфраструктура, отвора алтернативни правци за снабдување и ја зајакнува отпорноста на критичната инфраструктура. Овие процеси се дел од стратешкиот пристап кон поголема енергетска сигурност, кој министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го презентираше на првата панел-дискусија во рамки на седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.

На панелот „Зајакнување на европската енергетска безбедност: отпорност на критичната инфраструктура и диверзификација на снабдувањето“, Божиновска истакна дека регионалната соработка е врвен приоритет, бидејќи ниту една земја не може да обезбеди долгорочна енергетска сигурност изолирано од регионалните пазари и инфраструктурните поврзувања.

„Три децении имавме само еден извор за снабдување со природен гас – преку Бугарија. Сепак, монополот не е добро решение, особено за земја без излез на море. Затоа одлучивме да обезбедиме алтернативи“, истакна Божиновска.

Министерката посочи дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција се очекува да заврши во јуни следната година, а цевководот е подготвен и за транспорт на водород. Паралелно се работи на гасното поврзување со Србија, со што земјата ќе добие нови можности за пристап до регионалните пазари и дополнителни извори на снабдување.

Во делот на електроенергетиката, Божиновска информираше дека се преземаат активности за поврзување со Албанија, додека како значаен чекор во диверзификацијата го посочи и повторното ставање во функција на продуктоводот за транспорт на нафтени деривати со Грција, кој по 12 години неактивност започна да работи оваа година.

Говорејќи за отпорноста на критичната енергетска инфраструктура, министерката нагласи дека новите безбедносни предизвици, вклучително и сајбер-нападите и заканите од дронови, бараат поинаков пристап во планирањето и управувањето со енергетските системи.

„Државите се тие што треба да ги креираат политиките и законодавството, за приватниот сектор да може да ги имплементира. Но, неопходна е голема соработка. Треба да ги слушнеме инвеститорите, а истовремено да ја заштитиме критичната инфраструктура“, истакна Божиновска.

Посебен акцент во дискусијата беше ставен на предизвиците во синџирите на снабдување и долгите рокови за набавка на клучна енергетска опрема. Божиновска посочи дека еден инвеститор заинтересиран за изградба на гасна турбина го добил првиот достапен термин за испорака дури во 2032 година, што ја покажува сериозноста на предизвикот со кој се соочуваат енергетските проекти.

Таа нагласи дека новите инвестиции мора уште во фазата на планирање да ги земат предвид технолошките промени, потребата од резервни системи и новите ризици, особено во услови на брз развој на вештачката интелигенција, податочните центри и новите енергетски технологии.

„Она што се случи во Украина и последните геополитички случувања се важна лекција. Денес мора да размислуваме за резервни решенија, технологија и поголема регионална соработка. Енергетската инфраструктура се менува и станува сè позависна од технологијата“, истакна министерката.

Во однос на активната заштита на енергетската инфраструктура и улогата на НАТО, Божиновска оцени дека со зголемувањето на заканите од дронови и сајбер-напади, механизмите за консултации и координација во рамки на Алијансата ќе добиваат сè поголемо значење.

На панел-дискусијата учествуваа и министерот за енергетика на Литванија, Лукас Савицкас, Пјер Бешелани, претставник на Fluor, и Роџер Мартела од GE Vernova. Дискусијата ја модерираше Бенџамин Шмит од Универзитетот во Пенсилванија.

Седмиот состанок на P-TEC во Варшава ги обединува владините претставници, меѓународните институции и лидерите од енергетскиот сектор од Европа и САД, со фокус на енергетската безбедност, стратешката инфраструктура, диверзификацијата на снабдувањето и трансатлантската енергетска соработка.

Повеќе од истиот автор

Најчитано