Годишната инфлација во еврозоната се зголеми од септемвриските 3,8 на четири проценти во октомври, во согласност со претходната прелиминарна проценка, достигнувајќи го највисокото ниво во последните три години, објави денес Евростат.
Најголем придонес за растот на потрошувачките цени сепак доаѓа од енергетските производи, чии цени пораснаа за 21 процент во октомври во споредба со истиот месец минатата година, по годишен раст од 18,9 проценти во септември.
Инфлацијата во услужниот сектор се забрза од 3,2 на 3,3 проценти, додека растот на цените на храната, алкохолот и тутунот се зголеми од 1,3 на 1,5 проценти. Цените на индустриските производи, без енергијата, се зголемија за 1,2 проценти на годишно ниво, по септемвриските 1,1 проценти.
Годишната базична инфлација, која ги исклучува цените на енергијата, храната, алкохолот и тутунот, изнесуваше 2,6 проценти, што е ревизија нагоре од прелиминарната проценка од 2,5 проценти.
Меѓу најголемите економии во еврозоната, инфлацијата мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) се забрза во Франција од 3,4 на 3,7 проценти, Италија од 4,2 на 5,6 проценти и Холандија од три на 3,3 проценти.
Спротивно на тоа, во Германија инфлацијата се забави од 3,3 на 2,9 проценти, а во Шпанија од пет на 4,9 проценти.
Најниска октомвриска инфлација меѓу споменатите европски земји е забележана во Шведска, 0,6 проценти, додека Чешка и Данска имаа стапка од 2,1 процент.
Највисоки стапки на инфлација се регистрирани во Романија, седум проценти, Литванија, 6,1 процент и Бугарија, 5,9 проценти.
Фото Економија и бизнис







