Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска учествуваше на состанокот на Советот за праведна транзиција, на кој се разговараше за следните чекори во имплементацијата на процесот на праведна транзиција.
„Кога зборуваме за декарбонизација, не зборуваме за апстрактна цел, туку за конкретен патоказ кој е дел од нашите обврски кон Европската Унија. За тој процес да биде реален и одржлив, потребно е тој да биде вграден во стратешките документи, програмите и планирањето на сите институции кои се дел од оваа агенда“, истакна министерката Божиновска на состанокот.
Фокусот на состанокот на Советот за праведна транзиција беше ставен на институционалната координација, усогласувањето со Реформската агенда, обезбедувањето финансиска поддршка и мерките за поддршка на вработените во енергетскиот сектор.
Членовите на Советот направија преглед на напредокот во реализацијата на Годишниот план за праведна транзиција, при што беше констатирано дека активностите се движат во позитивна насока, но дека следната фаза бара посилна институционална координација и конкретна мобилизација на финансиски инструменти за поддршка на приоритетните активности.
На состанокот посебен акцент беше ставен на усогласувањето на Патоказот за декарбонизација со стратешките документи и програмите на институциите вклучени во процесот, како и на обезбедување координиран пристап кон имплементацијата на реформите поврзани со енергетската транзиција.








