Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе чекаат до 1 септември кога во Брисел е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија од чиј исход ќе зависи дали ќе преминат кон протести.
Тие денеска во Скопје одржаа состанок по којшто изјавија дека не сакаат да протестираат, но дека ако бидат приморени ќе го преземат овој чекор со тоа што протестите нема да прекинат како минатиот пат, туку ќе траат до исполнување на нивните барања за престој на професионалните возачи во Шенген зоната.
– Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европска Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите превозниците, но ако сме принудени ќе организираме протести со коишто уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека сепак постои проблем којшто треба да се реши, изјави Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници – Макам-транс.
Превозниците се надеваат дека на состанокот во Брисел ќе се најде решение за проблемот затоа што велат протестите не му одат во прилог на никого.
– Одлуките за протести генерално се донесени во нашите земји и на ниво на управни одбори, но како превозници не сакаме да протестираме бидејќи тоа се одразува на целото општество, но ако бидеме принудени, ќе мора да излеземе. Искрено се надеваме и посакуваме тоа да не се случи, изјави Неџо Мандиќ од Србија.
Здруженијата на превозници се согласни да не се менува договорот за престој во Шенген зоната, но бараат да се почитува стрикно правилото 90 дена престој во последните 180 дена односно минутата да биде минута, часот, да биде час… Бараат и прецизен рок кога нивниот проблем ќе биде решен.
– Значи, ги бараме своите 90 полни денови. Ако останат на тоа денот на влез да се пресметува како прв ден, а денот на излез како втор ден, тогаш сме во сериозен проблем и тогаш проблемот нема да биде решен бидјеќи ние не сме обични граѓани кои одат туристички во државите од Шенген зоната, туку сме професионалнци кои секојдневно, зависно од должината ан турата, работиме, нагласи Мандиќ.
Вели дека тие веќе се соочуваат со проблем односно 50 проценти од возачите одбиваат да возат затоа што немаат сигурност што ќе се случи на граница и дека се зависи од волјата на вработените на граничните премини кои различно ја толкуваат одлуката 90/180.
Со проблемот се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од земјава, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100.000.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








