Само два натпревари го делат еден од најинтересните фудбалски проекти во регионот од историски успех. Фудбалскиот клуб НК Цеље, основан во 1919 година, на 19 август во Братислава ќе го одигра првиот натпревар против Слован Братислава во плеј-офот за пласман во „лигашкиот“ дел на Лигата на шампионите – денешната форма на поранешната „групна фаза“. Победникот од овој двомеч влегува меѓу 36-те клубови во елитното европско натпреварување.
Цеље е основан на 28 декември 1919 година, а денес настапува на Стадионот „З’дежеле“, со капацитет од 13.059 седишта. Стадионот е изграден во периодот 1999–2008 година (пуштен е во употреба во 2003, а проширен во 2008 година), а инвестицијата изнесувала околу 16,5 милиони евра.
Клубот првата шампионска титула во независна Словенија ја освои дури во сезоната 2019/20. Потоа следуваа титулите во 2023/24 и 2025/26 – вкупно три шампионски круни. Во последните години, од тим кој долго беше во сенка на Марибор и Олимпија, Цеље се претвори во сериозен европски проект.
На клупата денес е Португалецот Витор Кампелос.
Повеќе Словенци, но и внимателен избор на странци
Интересен е и составот. Според Трансфермаркет, во тимот има 32 фудбалери од кои 18 словенечки и 14 странски фудбалери, односно приближно 56,2 проценти домашни наспроти 43,8 проценти странски играчи. Тоа не е класичен модел на клуб кој едноставно „купува“ тим. Напротив, Цеље е значаен производител на словенечки репрезентативци. Во актуелниот состав на словенечката репрезентација во 2026 година се наоѓаат или се наоѓале дури 11 фудбалери поврзани со клубот, од кои девет во последните пет сезони. Просечната старост на играчите во клубот е 26,2 години.
Колку навистина чини „чудото“?
Тука приказната станува уште поинтересна. Клубот во моментов е проценет на 13.18 милиони евра.
NKCE, компанијата преку која функционира професионалниот дел од клубот, во 2025 година имала 15,3 милиони евра приходи, но и 19 милиони евра расходи. За споредба, просечниот приход на словенечките прволигаши во 2025 година бил околу 6,2 милиони евра.
Значи, Цеље не е финансиски „микроклуб“ во Словенија. Но, во споредба со големите клубови од регионот, разликата е огромна.
Динамо Загреб во 2026 година e проценет на 66,46 милиони евра, додека вредноста на Црвена Звезда е 116,75 милиони евра. Вардар, пак, според трансфермаркет во моментов вреди 5,76 милиони евра.
Цеље, сепак, има нешто што не се гледа само во годишниот буџет: сопственикот преку Sport Invest во проектот досега вложил околу 20–22 милиони евра, што значи дека успехот е резултат на континуирана инвестиција, а не на една сезона.
Главен спонзор е Cinkarna Celje, компанија која со клубот соработува речиси две децении.
И стадионот е доволно голем за Лигата на шампионите
„З’дежеле“ има 13.059 места, а УЕФА за фазата на плеј-офот и фазата на лигата бара стадион од категорија 4, со минимум 8.000 места. Оттука, капацитетот на Цеље е над потребниот праг; конечната употреба на стадионот, секако, зависи од исполнувањето на сите инфраструктурни и лиценцни услови на УЕФА.
Последниот словенечки клуб во Лигата на шампионите
Ако Цеље успее, ќе го прекине долгото чекање на словенечкиот фудбал. Последен клуб од оваа земја кој играл во групната фаза на Лигата на шампионите беше Марибор во сезоната 2017/18. Тогаш Марибор беше во група со Ливерпул, Севилја и Спартак Москва и освои три бода.
До плеј-офот во 2026 година, Цеље стигна преку драматични квалификации. Против Етнигија одигра 3:3 на гости, а потоа по 2:2 во реваншот ја елиминираше албанската екипа со 4:1 на пенали. Во третото коло загуби 2:1 од Арарат-Арменија на гости, но дома победи со 2:0 и го обезбеди плеј-офот.
Тајната на Цеље?
Можеби токму тука е најважната лекција од оваа приказна. Не станува збор за клуб со најголем буџет, најскапи играчи или најголема традиција. Станува збор за клуб кој во релативно краток период изгради организација, стабилно финансирање, комбинација на домашни и странски играчи и јасен спортски проект.
Цеље покажува дека во фудбалот парите се важни – но начинот на кој се организираат и трошат може да биде уште поважен. А доколку на 19 и 25/26 август го елиминира Слован, еден клуб од град со нешто повеќе од 38.000 жители ќе влезе во европската елита.
И токму тоа е вистинскиот феномен на Цеље.
подготви: Кирко Бошкоски, Економија и бизнис








