Во присуство на министерот за здравство, Азир Алију, амбасадорката на Германија Петра Дрекслер и претставници Проект Хоуп (Project HOPE), денеска беше промовирана новата медицинска опрема за гинеколошкото-акушерско одделени во гостиварската болница „Ферид Мурад“.
Министерот Алиу напомна дека станува збор донација која значително ќе ги подобри услугите во здравството и ќе има поголема грижа за идните мајки и новороденчињата.
– Опремата има многу конкретна и човечка вредност, а тоа е зајакнување на грижата за мајките, новороденчињата и најранливите пациенти во регионалните болници. Во партнерство со Проект ХОУП преку проектот Перимак, обезбедена е современа медицинска опрема во вкупна вредност од околу половина милион американски долари. Како Министерство за здравство, нашата определба е регионалните болници да бидат силни, функционални и добро опремени рече министерот за здравство Азир Алију. Тој напомна дека се разгледуваат можностите за опремување на хируршка сала која ќе биде наменета за издните родилки.
Емилија Дуковски, заменик регионален менаџер на Проект Хоуп (Project HOPE) искажа благодарност до партнерите, донатори, на Министерството за здравство, на вработените во болницата и истакна дека програмите коишто Проект Хоуп ги работи во Македонија од 2016 година се поврзани со здравје на мајки и деца.
– Конкретно во овој проект се донирани опрема за четири родилишта во Македонија: Општа болница Гостивар, Општа болница Велес, Општа болница Струга и Општа болница Струмица. Вредноста на донацијата е околу половина милион американски долари и вклучува родилни кревети, инкубатори, вормери. Значи сè што е поврзано со подобрување на здравјето на мајките и на децата, рече Дуковски од ХОУП.
Претставниците на Проект ХОУП кои дојдоа од Германија посочија дека нивната цел е да се подобри здравствената нега на новороденчињата и мајките и дека со активностите започнале пред десет години.
Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер оцени дека ова е одличен пример за тоа што може да се постигне доколку сите соработуваат.
– Ова е пример каде што има поддршка од приватни донатори, каде што се вклучени компании, тука е вклучена и Сојузната влада и покраините. Освен ним да им се заблагодарам и ангажманот на вработените во болницата и лекари коишто извонредно ја вршат својата работа, рече Дрекслер.
Гостиварската болница преку проектот ХОУП доби два стола за породување, ЦТГ апарат, ехо апарат, аспиратор, инкубатор за деца и повеќе парчиња медицинска опрема со вредност од околу 130 илјади американски долари.
Во гинеколошко-акушерското одделение во гостиварската болница годишно се вршат над 400 подорувања и околу една илјада прегелди и интервенции.
извор МИА







