Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Коста Костадиновски и Билјана Станковска Арсова: Новата генерација инвеститори почнува со вложувања во акции порано од кога било
Мега интервју со Коста Костадиновски и Билјана Станковска Арсова, Капитал ассет менаџмент
Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2025г.
Костадиновски е лиценциран инвестициски советник и директор на Капитал ассет менаџмент, додека Станковска Арсова е одговорно лице за воспоставување и за одржување контакт со клиенти на Капитал ассет менаџмент.
Глобалната економија е во зона на голем притисок од геополитиката. Инфлацијата опстојува на повисоко ниво од посакуваното, развиените економии остваруваат релативно ниски стапки на економски раст, присутна е и неизвесноста за царинските политики. Како се одразуваат сите овие околности на сентиментот и на однесувањето на постојните и на потенцијалните инвеститори на берзите?
Костадиновски: Неизвесноста на берзите е константа. Во моментов, главни теми се геополитиката, инфлацијата, царините, но и релативно нискиот економски раст. Сепак, берзите се исклучително стабилни имајќи ги предвид овие околности. Кога сме кај инфлацијата, таа позитивно влијае на пазарот на акции, a е неповолна за депозитите и за обврзниците. Во однос на глобалниот економски раст, иако генерално развиениот свет се соочува со вакви параметри, сепак на берзите има компании кои подинамично растат во своите приходи и профити. Исто така постојат и подрачја, како што е нашиов поширок регион во рамките на Европа, кој расте подинамично од поразвиениот дел од континентот.
Царинските политики првично направија шок на пазарите на почетокот на април, но во моментов пазарите покажуваат резистентност во однос на ова прашање. Цените на акциите, од тогаш, генерално се во нагорна линија. Со оглед на релативно повисоката инфлација, која сè уште е присутна во одредена мера, проследена со генерално висока ликвидност на економиите, се создадоа услови сè повеќе потенцијални и постојни инвеститори да се насочуваат кон берзите, т. е. да вложуваат поголем дел од слободните парични средства во акции.
Како ги оценувате движењата на берзите во нашиов регион, вклучително и на Македонската берза?
Костадиновски: Како што кажав, регионов покажува добри економски резултати и има оптимистички прогнози за иднината. Тоа се рефлектира речиси на сите берзи. Македонската берза ваков исчекор направи минатата година, додека останатите берзи даваат повисоки приноси годинава. Тука предност има Љубљанската берза која годинава е рекордер во регионов и во Европа. Цените на акциите на поголем дел од македонските компании на берзата, по нашите анализи, се повисоки во однос на објективните вреднувања.
Многу важен елемент за развој на финансиските пазари е и нивото на финансиската едукација на економските субјекти. За разлика од претходните генерации кои не беа доволно информирани и едуцирани за инвестирање во финансиски инструменти, се чини дека генерално новата, т.н. генерација зет, е многу понапред во стекнувањето на финансиска писменост. Се создаваат ли предуслови за динамизирање на активностите на берзите поради оваа причина?
Станковска Арсова: Новата генерација инвеститори, особено генерацијата зет, почнува со вложувања порано од кога било. Според меѓународните истражувања, просечната возраст на која почнува со инвестирање генерацијата зет е само 19 години во споредба со 25 години кај милениумците или над 30 години кај генерацијата икс и бејби бумерс. Во споредба со постарите генерации, генерацијата зет има различен пристап кон финансиските информации. Наместо да бараат совети од банки или од институции, тие сè повеќе се потпираат на информации достапни на социјалните мрежи, на пријателите и на семејството. Дигитализацијата игра клучна улога затоа што дури 65 % од младите инвеститори користат мобилни апликации и дигитални платформи. Тие најчесто почнуваат со мали суми т.н. микроинвестиции кои постепено, со текот на времето, ги зголемуваат. Тука треба да бидат внимателни на ризиците затоа што голем број млади се фокусираат на шпекулативни инструменти кои нудат астрономски приноси – криптовалути, форекс и деривативи (опции, фјучерси, акции со кредит). Поради овие причини се динамизира тргувањето на берзите со тоа што истакнувам дека од клучно значење е оваа генерација правилно да се насочи, да се едуцира и да ги искористи искуствата од претходните генерации.

Да се свртиме сега и кон Капитал ассет менаџмент. Најпрвин вие се позиционирате како независен инвестициски советник. Што значи независност и зошто е тоа важно за корисниците на вашите услуги?
Станковска- Арсова: Капитал ассет менаџмент веќе петта година работи и сè уште е единственото специјализирано и независно друштво за инвестициско советување и за управување со портфолио на хартии од вредност. Независноста на друштвото, заедно со делот од регулативата посветен на заштита на интересите на клиентот, се уникатна комбинација која го става клиентот во прв план.
Најголем дел од нашите клиенти се клиенти кои никогаш претходно немале искуство со вложување во акции, но имаат слободни парични средства за инвестирање. Ние ги едуцираме, ги запознаваме со предностите кои ги носи вложувањето во акции, им помагаме да разберат која е суштината на акционерството и дека, вложувајќи во акции на правилен начин, може да создадат реален и вистински имот кој обезбедува пасивен приход од дивиденди и од капитални добивки. Имајќи таков капитал кој генерира пасивен приход, вие сте послободни да донесувате одлуки – било за кариера било за личен живот. Ова е суштината на независноста.
Каде да се инвестира во вакви времиња на општа неизвесност? Многумина велат дека во вакви неизвесни времиња е поважно средствата „да се паркираат“ во сигурни облици на инвестирање отколку во неизвесна голема заработувачка. Во тој контекст, на глобално ниво цената на златото достигнува рекордни нивоа.
Костадиновски: Неизвесностите на пазарите постоеле и ќе постојат. Затоа е важно да се користат механизми за управување со тие ризици за да се добијат одлични резултати. На пример, при купувањето акции внимаваме на нивото на задолженост на фирмите, што се покажа од исклучителна важност во ковид кризата кога одредени бизнис-сектори значајно застанаа − како што се угостителството и хотелиерството. Во овој сектор, незадолжените или ниско задолжените компании поминаа како победници во кризата, чии акции денес на пазарите се тргуваат на неколкукратно повисоки цени.
Во бизниси каде што има поостра конкуренција, посебно е важно да се следат маржите со кои работат компаниите од каде што користиме податоци за конкурентноста на компанијата. На пример, во фармацевтскиот сектор има компании кои работат со 10, 20 и 30 проценти нето-маржа и тоа прави голема разлика во конкурентноста и во профитабилноста на компаниите. Затоа од клучна важност се нашите анализи и обработката на анализите на големите светски инвестициски банки, кои ги прави нашиот тим аналитичари.
Златото, во овој контекст на инфлација и изразени геополитички тензии, достигна рекордни нивоа и, веројатно, подолг период ќе се одржува на повисоки нивоа. Неизвесноста е единствена константа на пазарите на капитал, но секогаш постои една голема извесност − тоа е дека добрите компании ќе остваруваат приходи, ќе прават профити, ќе исплаќаат дивиденди и ќе растат во бизнисот. Затоа вложувањето во акции со професионални водичи долгорочно резултира со победа на инфлацијата и дополнително ја зголемува вредноста на вложените средства.
Постојано расте и побарувачката за криптовалути. Како гледате на нив како можност за инвестирање? Ворен Бафет, на пример, не ги сака многу, но впечаток е дека се интензивира развивањето на соодветна регулатива за нивно тргување и се зголемува нивното вклучување во портфолијата на големите „играчи“ на пазарот.
Костадиновски: Прво, од аспект на нашата регулатива, согласно нашите лиценци за работа, немаме право да вложуваме во криптовалути што, според мене, е исправно. Криптовалутите не се имот кој би требало да го имаат инвеститорите во голем процент во своето портфолио. Постојат многу нејаснотии во утврдувањето на реалната вредност на криптовалутите и не може да се евалуираат по која било стандардна економска метрика. Единствено понудата, побарувачката и вербата дека некој друг ќе плати повисока цена за таа криптовалута се сили кои го движат тој пазар.
Од друга страна, сигурно е дека технологијата зад криптовалутите ќе навлезе во секојдневниот живот и ќе има своја примена и вредност, но тоа во моментов на ниеден начин не може да се стави во корелација со цените на криптовалутите.

Што е она што го издвојува Капитал ассет менаџмент во однос на вашите конкуренти?
Станковска Арсова: Пазарот е заситен со доволен број брокерски услуги како во земјава така и од странски платформи. Меѓутоа, на повеќе од 95 % од луѓето во државава им треба квалитетен инвестициски совет и професионално управување, а не само достапност на добра инфраструктура. Инвестирањето во акции е инвестирање во реален имот за што треба соодветно искуство на самиот пазар, знаење за изработка на анализи и правилно водење од овластени инвестициски советници. Наша задача е да ги следиме пазарот и резултатите на компаниите со намера да избереме најсоодветни компании во кои ќе ги инвестираме парите на клиентите. Нашата услуга − индивидуално управување со портфолио на хартии од вредност − е наменета за инвеститори кои сакаат своите пари да ги вложат на берза, да бидат дел од големите регионални и светски компании и на таков начин да ја победат инфлацијата и да профитираат, но притоа немаат доволно време или знаење за постојано да ги следат и да ги анализираат компаниите. Преку нашата услуга клиентот се стекнува со акции од домашни, од регионални или од светски компании, кои се на негово име, иако изборот го препушта на нашите експерти, портфолио менаџери кои на дневна основа ги следат компаниите и пазарите. Уникатноста на нашето дејствување е тоа што нашиот целосен фокус е изнаоѓање квалитетни инвестициски решенија.
Што е разлика меѓу брокер и инвестициски советник?
Станковска- Арсова: Најчесто јавноста го поврзува инвестирањето на берза само со професијата брокер и од таа асоцијација произлегуваат најголемите ризици, односно граѓаните неподготвени почнуваат самостојно да тргуваат на берзите, најчесто слушајќи совети од брокери или уште полошо од инфлуенсери. Работата на брокерот е да ги извршува налозите од клиентот, а не да го советува. Затоа и регулаторот јасно ги разграничува надлежностите на брокер и на инвестициски советник.
Брокерот има интерес во што почесто тргување бидејќи приходот го остварува со извршување трансакција: купи − продај акции или популарно вртење на парите. Улогата на инвестицискиот советник, т. е. портфолио менаџер е да купува и да продава акции во име и за сметка на своите клиенти врз база на факти и на анализа на компаниите. Неговиот приход директно е зависен од волуменот на средства под управување и од чистиот профит кој го остварува за клиентот.

Логично сега се поставува прашање за сигурноста. Како сте организирани?
Костадиновски: Законот за хартии од вредност ја уредува и сигурноста на влоговите. Таа е обезбедена така што паричните средства се уплаќаат на посебна наменска клиентска сметка која е издвоена од имотот на Друштвото. А купените хартии од вредност се чуваат во овластен депозитар или во депозитарна институција. Тоа значи кога клиентот ќе уплати пари и со нив ќе се купат акции, тие акции се сопственост на самиот клиент, т. е. Друштвото ја има улогата на управувач на средствата, чиј краен сопственик е клиентот.
Целиот систем од потпишување договор со клиентот (кој е унифициран и со добивањето дозвола за работа е одобрен од регулаторот) до уплата на паричните средства и чувањето на хартиите од вредност кај овластен депозитар е целосно законски покриен, односно системски сигурен. Тоа значи дека ако клиентот има 100 акции од некоја компанија запишани во Депозитарот, тие му се еднакво сигурни како неговите 100 квадрати стан кои ги има на имотниот лист од Катастарот.
За крај на интервјуто, за некој што во моментов не е активен инвеститор и има заштеда, како да се охрабри да почне со инвестирање? Како Капитал ассет менаџмент може да му помогне таа почетна сума да ја претвори во долгорочна финансиска стабилност?
Станковска Арсова: Секој инвеститор кој сака да вложува на берза, без никакво искуство, најдобро е да избере професионален, лиценциран инвестициски советник кој ќе му ги покаже патот и правилниот пристап во вложувањето и како на долг рок да биде победник на пазарот.
Според досегашното искуство, клиентите со најголем успех се клиенти кои го направиле првиот чекор во вложувањето, користејќи ја нашата услуга со индивидуален пристап и кои го зголемуваат вложувањето во континуитет, посебно во ситуации кога на пазарите има вонредни можности за кои ние водиме грижа да ги известиме правовремено.
На овој начин, практично, значајно се намалува ризикот или можноста за несоодветен тајминг на влез, а истовремено се користи нашето многугодишно искуство за да се идентификуваат вистинските можности во вистинско време и со тоа да се добие натпросечна добивка. Клиентите кои ги следат нашите препораки, во континуитет, без исклучок имаат одлични резултати.
Разговараше: Митко Јовановски