Економија

ЕКОНОМИЈА | Горан Петревски: Институциите и економскиот развој

Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Без сомнение, економскиот развој е централниот проблем во економијата или, што би рекол нобеловецот Роберт Лукас, штом човек почне да размислува за економскиот раст, повеќе не може да размислува за ништо друго. Економистите одамна се обидуваат да ги откријат изворите на економскиот развој, посочувајќи на повеќе фактори како: штедењето и инвестициите, технолошкиот прогрес, човечкиот капитал, истражувањето, идеите и иновациите итн. Меѓутоа, економскиот развој е толку сложен процес што никој не успеал да даде единствен одговор на прашањето од милион долари. „Зошто некои земји се развиени, а другите не се?“ Проблемот е уште потежок ако се има предвид дека развојот е последица и на бројни неекономски фактори како што се: географската положба, климата, војните, историското наследство, културата, религијата, политиката итн. Оттука воопшто не треба да нѐ зачуди тоа што економистите немаат откриено волшебна формула или готов рецепт за тоа како некоја земја да стане развиена (исто како што медицината нема откриено рецепт за тоа како да живееме сто години).

Во последниве две-три децении, економистите сѐ повеќе укажуваат дека институциите имаат силно, ако не и пресудно влијание врз економскиот развој (заинтересираните читатели можат повеќе да прочитаат на оваа тема кај: Acemoglu, D., Johnson, S. and Robinson, J. [2004], Institutions as the fundamental cause of long-run growth. NBER Working Paper 10481.). Имено, сите фактори кои вообичаено се наведуваат како извори на економскиот раст (штедењето, инвестициите, технологијата, образованата работна сила, истражувањето и иновациите итн.) не паѓаат од небо, туку се резултат или на поединечниот или на општествениот избор. На пример, во некоја земја луѓето одлучуваат да штедат повеќе, додека луѓето во друга земја сакаат повеќе да трошат; исто така во некоја земја има поповолен амбиент за инвестирање, додека во друга инвеститорите се соочуваат со големи пречки; некои општества прифаќаат да живеат со висока инфлација или со раширена корупција, а некои земји имаат непријателски став кон нив.

Оттука, во поново време, економистите укажуваат дека економските резултати (производството, инвестициите, штедењето, надворешната трговија итн.) се резултат на економските и на политичките институции, односно институциите создаваат поттик за некакво економско однесување, а исто така тие го ограничуваат однесувањето на луѓето. На пример, ако државата воведе висок данок (да речеме 50 %), луѓето нема да бидат расположени да инвестираат и да работат зашто не сакаат државата да им одземе половина од нивната заработка; ако некој бизнисмен знае дека може да добие голема зделка по партиска линија, тогаш тој ќе стане близок со партијата на власт; ако во земјата не се почитуваат авторските права, никој нема да биде заинтересиран да создава нови пронајдоци знаејќи дека некој трет лесно (бесплатно) ќе ги копира неговите изуми; ако луѓето и претприемачите знаат дека локалната власт е неефикасна или корумпирана, тогаш тие ќе градат дивоградби; ако судството е за никаде, криминалците од сите сорти ќе царуваат; најпосле, ако луѓето знаат дека никој нема да ги казни ако ги остават автомобилите по тротоарите, тие ќе го прават токму тоа.

Со други зборови, некои економски и политички институции имаат благопријатно дејство, а други институции ги попречуваат економските активности. На пример, ако во земјата не постои пазар, човекот ќе биде принуден самиот да си ги произведува сите потребни производи (храна, облека итн); ако во земјата не постојат финансиски пазари и институции, луѓето и претпријатијата ќе мора да штедат во текот на подолг период и дури тогаш да инвестираат во нова куќа или во нова фабрика; ако државата бара милион дозволи и документи за отворање фирма, луѓето тешко ќе одлучуваат да започнат сопствен бизнис; ако законот не дозволува влез на други фирми во некоја област, односно ако законот создава монополи, тогаш потрошувачите ќе се соочат со високи цени. Оттука воопшто не е сеедно какви институции постојат во земјата. Во тој поглед, современите економисти нагласуваат дека разликите во економските институции се главната причина за тоа зошто некои земји се развиени, а други не се.

За ваквото тврдење постојат бројни примери, како што се случаите на Кореја и на Германија. Иако Јужна и Северна Кореја се наоѓаат на исто место, имаат иста клима, населени се со истите луѓе кои имаат иста култура, сепак двете земји се одликуваат со многу различен степен на развиеност – додека северниот дел од земјата се дави во сиромаштија, јужниот дел спаѓа во групата на најразвиените земји во светот. Истото ова се случуваше во Германија по Втората светска војна: со поделбата на земјата, западниот дел оствари брз економски развој, а источниот дел стагнираше. Во двата случаја причината беше иста – разликата во политичкиот и во економскиот систем, односно земјите со еднопартиски систем и без пазарна економија беа сиромашни, додека другите остварија брз развој. Тоа покажува дека разликите во институциите навистина можат да произведат сосема различни економски резултати.

Меѓутоа, ако постојат добри и лоши институции, во смисла дека некои институции го поттикнуваат економскиот развој, а други институции го кочат, тогаш на луѓето (и на политичарите) ќе им биде јасно тоа, па така секоја земја ќе ги избере добрите институции. Тогаш зошто некои земји имаат лоши институции и поради тоа се заглавени во сиромаштија, додека други земји имаат добри институции и оттука уживаат во плодовите на економскиот развој? Или, поинаку кажано, зошто неразвиените земји едноставно не ги преземат добрите институции кои се докажале како благопријатни во развиените земји?

Проблемот се состои во тоа што добрите институции не се корисни за сите поединци и групи во општеството исто како што лошите групи не се лоши за сите. Поинаку кажано, придобивките од добрите институции ги користат само одредени поединци и групи, а дури и лошите институции можат да им бидат корисни на некои групи во општеството. На пример, заштитата на авторските права ги брани интересите на пронаоѓачите, а пиратеријата е штетна за нив, но таа е корисна за потрошувачите кои благодарение на неа плаќаат пониски цени за музиката, за филмовите, за софтверот итн.; строгите еколошки закони се во полза на населението, но на фирмите им создаваат повисоки трошоци (односно пониска заработка); корупцијата е штетна за чесните луѓе и за фирмите, но таа е корисна за нечесните и за неспособните на кои им овозможува незаслужено да дојдат до некоја зделка или услуга; неефикасните инспекторати им одат во прилог на фирмите на штета на потрошувачите; од сивата економија имаат полза потрошувачите и некои фирми, а од неа губат другите фирми и државата; од ограничувањето на конкуренцијата имаат полза монополите и олигополите на штета на потрошувачите итн.

Бидејќи некои групи во општеството се губитници, а други општествени групи се добитници од одредени институции, тоа значи дека губитниците ќе се залагаат за промена на лошите институции, додека добитниците ќе се борат за нивно задржување. Токму од оваа борба меѓу општествените групи зависи дали во земјата ќе надвладеат добрите или лошите институции. Притоа проблемот е во тоа што одделните општествени групи немаат иста политичка моќ, односно некои се повлијателни во процесот на политичкото одлучување и тие успеваат да се изборат за задржување на оние институции кои им одат во прилог, иако таквите институции не се добри од гледна точка на целото општество. На тој начин, заради интересите на оние општествени групи кои имаат поголема политичка моќ, остатокот од општеството станува жртва на лошите институции. Се разбира, незадоволните делови од општеството се борат да ги променат работите, но ако немаат доволно политичко влијание, нивните напори ќе останат без успех. Да биде работата уште полоша, бидејќи институциите се менуваат бавно (понекогаш со децении или со векови), таквата состојба може да се продолжи во недоглед. Токму тоа е причината поради која многу неразвиени земји со векови остануваат неразвиени.

Институционалната теорија на економскиот раст ни нуди неколку важни поуки: прво, политичките и економските институции (слободниот пазар, регулацијата, политичкото уредување, законите и правосудниот систем, довербата меѓу луѓето итн.) имаат пресудно влијание врз економскиот развој; второ, некои институции се добри, а други се штетни за економскиот раст; трето, институциите се производ на борбата меѓу одделните општествени групи при што повлијателните групи во општеството можат да ја злоупотребат својата политичка моќ за да ги остварат своите интереси, а на штета на целото општество; четврто, поради бавното менување на институциите, ваквата пат позиција може да се задржи многу долго време така што некои земји едноставно остануваат заглавени во сиромаштијата; петто, економскиот развој е ендоген (внатрешен), а тоа значи дека тој нема да дојде однадвор (странските инвестиции, ЕУ, НАТО итн.), туку македонското опшество е тоа што треба да создаде поволни услови за развој.

Историјата е полна со секакви примери – од една страна, некои земји успеале да создадат добри институции и да започнат процес на брз и на долготраен развој; од друга страна, има многу земји во кои институциите не носат економски развој, односно носат придобивки за мал број луѓе, а на штета на целото општество. Засега ние сме во втората група, а ако продолжиме вака многу е веројатно дека уште долго време ќе останеме вакви какви што сме. Ако сакаме да се одлепиме од оваа состојба, првата задача е да создадеме ефикасни политички и економски институции, а тоа се оние кои го поттикнуваат економскиот раст. Е сега, кои се тие институции? Во основа, одговорот е многу прост: слободен пазар, отвореност кон светот, конкуренција, ниска регулација, ниски даноци, правна држава (независно и ефикасно судство) која ќе обезбеди спроведување на законите, почитување на договорите и заштита на сопственичките права, ефикасна и професионална јавна администрација, работна дисциплина и слично. Се разбира, многу е лесно да се каже сето ова (всушност, политичарите секојдневно ја верглаат оваа демагогија), но клучот на успехот лежи во способноста на македонското општество да се избори за овие придобивки. А тоа е навистина борба, и тоа долга и макотрпна борба.

ПРЕПОРАЧАНО