Финансии / Банкарство
Цените на кои акции најмногу се зголемија и намалија на Македонската берза минатата недела?
27.10.2025г
Неделен извештај за периодот 20.10.2025 до 24.10.2025г.
Минатата недела, во периодот од 20.10.2025 – 24.10.2025 година на Македонската берза на хартии од вредност на официјалниот и на редовниот пазар беше остварен вкупен промет од 85,3 милиони денари или околу 1,38 милиони евра. Најголем промет од 46,7 милиони денари или 760,3 илјади евра беше реализиран преку акциите на Гранит Скопје (54,7 % од вкупниот промет). Втори најтргувани акции беа акциите на Комерцијална банка Скопје со 23,1 милиони денари или околу 375,7 илјади евра (27 % од вкупниот промет). Потоа следуваа акциите на Макпетрол Скопје со 2,37 милиони денари или околу 38,5 илјади евра (2,7 % од вкупниот промет). Во топ 5 акции според прометот изминатата недела беа уште и акции на НЛБ Банка АД Скопје со 2,3 милиони денари или околу 37,4 илјади евра и акциите на Витаминка Прилеп со промет од 1,65 милиони денари или 26,8 илјади евра.
Истовремено беа реализирани и две блок трансакции со акции на Макпетрол со кои се оствари промет од 45,6 милиони денари или околу 742,3 милиони евра, (се истргуваа вкупно 392 акции)
Прометот на официјалниот и на редовниот пазар беше остварен со 220 трансакции со кои се истргуваа вкупно 32 294 акции.
Зголемување на вредноста минатата недела имале акциите на Шпаркасе банка Македонија АД Скопје од 2,79 %, Македонски Телеком Скопје 2,05 % и на Гранит Скопје од 0,57 %.

Намалување на вредноста изминатата недела бележиме кај акциите на Реплек Скопје, Комерцијална банка Скопје и НЛБ Банка АД Скопје. Цената на нивните акции се намали за 0,63 %, 0,35 % и 0,34 %, соодветно.
