Општество
СВЕТ | Ивор Мицковски: Европа не може да ја издржи играта со светските сили
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2025г.
Историјата некогаш едноставно доцни, таков е случајот на овој нов век каде што првата декада се потроши на извезување демократија и бесцелни војни, додека нашите дваесетти години од векот ги потрошивме на решавање заостанати и наталожени проблеми од минатиот век. Излегува како веков допрва да почнува, а веќе четврт век е изминат. Новиот милениум имаше два погрешни старта. Првиот настана постхумно, по смртта и „конечната“ победа над двата големи европски тоталитаризми од страна на демократијата, нешто што ни создаде илузија дека со падот на Берлинскиот ѕид и крахот на СССР, Европа и Западот се последната граѓанска религија на светот, па оттука и хегемони. Падот на кулите Близначки во Њујорк ни покажа дека тоа што го сметавме за универзално, всушност, е само нешто западно, нешто што се отфрла и против што се бори голем дел од остатокот од светот. Втората илузија се состоеше од чувството на непобедливост и на неповредливост, заштитени во голем дел од благосостојбата која ја ужива само овој дел од светот, илузија која беше прегазена и збришана од ковидот и од пандемијата.
Денес како да се помируваме и да се поклопуваме со историјата, еве нè, две децении подоцна, речиси три, време на една цела генерација, гледаме како бројни сигурности паднаа во вода, како во криза влегоа премногу репери и шаблони кои ги сметавме цврсти и сигурни до степен да ги растресат самите основи на системот на кој се потпиравме. Премногу кризи се споија во една огромна системска криза. Претставничка криза, наднационалниот карактер на феномените, нематеријалната димензија на финансиските и на информативните движења, експлозијата на нееднаквоста, растот на атомизацијата, на маргинализацијата и на ексклузијата, раздорот меѓу знаењето и еманципацијата, сите овие се кризи кои создаваат чувство на дезориентација и губење на контрола над светот во кој живееме. Со нив паѓаат во криза и моделите и методите на владеење, односно политиката, поточно каноните на кои се потпираше досега демократијата.
Во оваа нулта година на историјата, каде што екстремите од обата пола се во допир, сведоци сме на раѓањето на контраполитиката чиј манифест на постоење се базира на надминување на либералната демократија. Поточно кажано, хаосот и несигурноста добија своја политичка форма, па дури добија и форма на власт. Сега сме во последните моменти на една сегашност завиена со трагите од минатото и како да чекаме некаков си резолутен и дефинитивен настан кој ќе ни ја предочи иднината што следува: иднина која дејствува ослободена од славниот напор да создава прогрес и напредок и тивко плови кон мракот исполнет со несигурности. Како некој да го организирал првиот универзален конгрес за редифинирање на светот каде што одново ќе се создадат азбуката и имињата на новата хиерархија, но свет во кој сè помалку ќе има место и опасно ќе недостасува името на Европа.
Можат да се дадат многу објаснувања за ова отсуство: едното е циклонот Трамп, другото е подемот на десницата, третото може да биде подемот или враќање на национализмите од 19 век кои на Европа не ѝ дозволуваат да оди напред, да се обедини и да зајакне како сериозна политичка реалност. И сега, кога е нападната и однадвор и однатре, имобилизирана и жртва на себичните национализми и национални агенди, гледаме дека во новата историја Европа нема капацитет да одржува чекор со новата реалност и историја. Тоа е можеби највидливо во однос на Америка и на останатите светски сили.
„Европската Унија е речиси лоша колку и Кина“, ќе изјави еднаш Трамп, потврдувајќи дека актуелната американска администрација воопшто не ја сака Унијата. Односите со засебни земји од Европската Унија сè уште се сметаат за односи со сојузници. Односите со ЕУ, од друга страна, се сметаат за конкурентни и натпреварувачки, поставувајќи јасна граница меѓу Унијата и нејзините земји членки. Чувството е дека Америка искрено и длабоко верува во распад на Стариот Континент. Многумина од другата страна на Атлантикот продолжуваат во Брегзитот да гледаат како на прв чекор во таа насока. Сепак, во реалноста, европските десничарски партии блиски до Трамп решија своето влијание да го извршуваат во рамките на Унијата, а не надвор. Од оваа страна од Атлантикот изгледа како Брегзитот да го изгоре „егзитот“ како политичка стратегија. Но, во Америка, сè уште владее поинакво убедување.
Прашањето на одбраната одлично ни предочува како постојат сериозни разлики во перцепциите. Зголемувањето на воената потрошувачка во Европа се третира како личен успех на Трамп, нешто што и најверојатно е така. Вистина е дека Америка со години бараше Европа да ја зголеми својата воена контрибуција за НАТО како што е вистина дека само една вака трансакциски настроена администрација можеше да извлече, барем на хартија, слични финансиски заложби. Но, ова е само почеток кој не може да ги сокрие несогласувањата и разликите на некои други есенцијални теми.
Првата е секако Украина за која превртливата политика на Трамп и слабите гаранции за Киев создаваат ситуација да падне токму на плеќите на Европа најголемиот или клучниот дел од идната поддршка за Украина. Вториот проблем настанува меѓу односот на националните воени потрошувачки капацитети и европскиот воен капацитет. За Американците, потрошувачката за европската одбрана треба и понатаму да остане отворена спрема „купи американско“ (buy American) затоа што европската индустрија сериозно заостанува во одредени сектори како што е противвоздушната одбрана, па оттука јасно е дека и ова прашање е дел од трговските преговори меѓу САД и ЕУ. Америка свесно и намерно игра на две маси − безбедноста и трговијата. Во исто време Америка жестоко се спротивставува на напредокот во интеграцијата на европската одбрана, и тоа не само надвор од НАТО туку и во рамките на самата Алијанса. Прашањето не е само индустриско, туку стриктно стратешко, каде што на Обединета Европа не се гледа како на сојузник, туку како на конкурент од страна на Вашингтон.
За само шест месеци од доаѓањето на Трамп 2, стариот поредок и значењето на тоа што порано го нарекувавме Запад дефинитивно има завршено во кантата на историјата. Во голем дел и со право. Јасно е дека Европа предолго ја делегираше сопствената безбедност во рацете на Америка, вклучувајќи ги тука и трошоците кои одат во пакет. Од друга страна, тоа се случува од сосема погрешни причини. Веројатно е дека Америка би била посилна кога не би ги мешала сојузниците со непријателите и кога не би мислела дека ослабнувањето на Европа ѝ оди во прилог. Особено не кога декларираниот светски и стратешки ривал е една Кина. Затоа и треба да разбереме дека со Трамп Америка не стана изолационистичка. Таа стана тешко националистичка, делумно протекционистичка и повремено интервенистичка. Но, впрочем, националистичка е и Европа, само со таа разлика што кога се одмерува со други сили, некои поголеми, некои поорганизирани, тогаш запаѓа во тешкотии и не може да остане во играта.
Тоа е затоа што на Европа не ѝ се јасни нејзините заеднички интереси и затоа што нема одлучено како да ги одбрани, затоа што зависи од американскиот нуклеарен чадор и затоа што продолжува да мисли и да се надева дека подемот на Трамп е само краткотраен историски исклучок или грешка. Но, промената на Америка е во најголем дел структурална и бара сериозно соочување со реалноста. Чувството за реалност Европа го нема затоа што сè уште мисли дека води односи и преговара со некои сили од минатото, а не од длабоко променетата денешница.