Интервјуа
Николетопулос: Одлични перспективи за Стопанска банка и НБГ Групацијата за следните години
Мега интервју со Диомидис Николетопулос | Генерален извршен директор и претседател на УО на Стопанска банка А.Д. - Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2024г.
Господине Николетопулос, лондонски „Економист“ ја прогласи Грција за „Земја на годината“ за 2023 година, посочувајќи дека остварила најдобри резултати меѓу 35 богати земји во светот, мерено преку пет селектирани економски индикатори. На што се должи ваквиот успех на Грција?
Д. Николетопулос: Откако подолг период беше во криза, грчката економија се наоѓа во развојна траекторија, достигнувајќи значајни подобрувања и најважно создавајќи позитивни услови за иднината. Наспроти неповолното глобално окружување, Грција успеа да ја заокружи 2023 година со раст на БДП од 2,2 %, една од највисоките стапки на раст меѓу членките на ЕУ со примарен суфицит од 1,1 % од БДП (2,6 милијарди евра).
Драстичните мерки преземени претходните години, успешниот одговор на пандемијата, како и силното, стабилно и доверливо управување насочено кон реформи и модернизација на економијата, беа главните двигатели кои постепено ја променија климата, но и имиџот на земјата. Како резултат на тоа, економијата закрепна, учеството на долгот во БДП од 2020 забележа пад од 46.7 п.п., туризмот имаше силна година (регистрирајќи нови рекордни бројки во 2023 година), банкарскиот сектор се консолидираше и зајакна, овозможувајќи им на банките да ја имаат својата важна улога во поддршка на реалната економија, што, крајно доведе до значајно повисоки инвестиции - 14.4% од БДП, највисоки од 2011 година..
Постои надеж дека со закрепнување на нивото на инвестициите, со намалувањето на каматните стапки и со користењето на ресурсите од Фондот за закрепнување и отпорност (што се очекува да достигне 36 милијарди евра до 2026 година), во комбинација со Програмата за јавни инвестиции, ќе продолжи да се стимулира економијата во задржување на темпото и во следниве години.
Како би можела да се зголеми соработката меѓу македонската и грчката економија во наредниов период имајќи предвид дека се работи за соседни земји?
Д. Николетопулос: Познато е дека, и покрај сè, односите меѓу народите и бизнис-заедниците од двете земји секогаш биле на многу добро ниво.
Перспективите за соработка меѓу двете земји, секако, постигнаа ново повисоко ниво откако се потпиша Преспанскиот договор.
Постои огромен потенцијал и широк дијапазон за соработка помеѓу земјите и тоа во речиси сите аспекти на социо-економскиот живот како што се трговија, енергија, транспорт, туризам, образование, култура итн.
Ако прашувате како да се продлабочува оваа соработка понатаму, би рекол дека тоа може да се постигне преку препознавање на можностите кои произлегуваат од заедничката иднина на земјите, поддржани од владите и од институциите кои ќе го создадат и ќе го прилагодат окружувањето потребно за оваа соработка, подготвувајќи практични и извесни планови и, секако, ќе се посветат кон спроведување на тие планови во реалноста.
Горди сме што Стопанска банка АД – Скопје, како членка на НБГ-групацијата, е една од најзначајните одредници на економската соработка меѓу двете земји речиси 25 години. Располагаме и со искуство и со знаење како значително да помогнеме во зајакнување на соработката од взаемна корист за двете нации во претстојниот период: преку креирање на поволни услови за инвеститорите, обезбедување бенефиции и промовирање на инвеститорски можности во клучните сектори, како и преку градење на посилни економски партнерства, искористувајќи ги придобивките од географската блискост.
Вие сте на чело на Стопанска банка АД − Скопје веќе десет години. Банката е дел од групацијата на Националната банка на Грција (НБГ). За почеток, што се случува во рамките на групацијата, нејзината позиција на регионалниот банкарски пазар, остварувањата во изминатава година?
Д. Николетопулос: НБГ е една од најстарите банки и најсилните брендови во регионот со 183 години присуство на банкарските и на финансиските пазари. Сепак, поради длабоката криза во Грција, како и сите други грчки банки, мораше да спроведе сериозна програма за реструктурирање минатиов период, намалувајќи го притоа своето присуство во поширокиот регион. Наспроти тоа, во изминативе неколку години, групацијата заживеа и комплетно се промени, поминувајќи низ длабока реорганизација за денес да прерасне во модерна, динамичка, доверлива и здрава организација со одлични перспективи.
Поконкретно, во 2023 година групацијата оствари одлични резултати на сите полиња како што се: профитабилност, раст, квалитет на портфолио, додека во паралела продолжи со успешниот план за трансформација на клучните аспекти на својот бизнис и на оперативниот модел. Најважните предности на групацијата остануваат да бидат силната капитална база од приближно 7 милијарди евра, стапката на адекватност на капиталот од 20 %, силната ликвидност и големата депозитна база од околу 56 милијарди евра. Истовремено, тука е и високиот квалитет на портфолиото со коефициент на нефункционални кредити од 3,7%, со стапка на покриеност со резервации од 93%. Овие метрики ѝ даваат на Групацијата силен раст и перспективи за понатамошна експанзија што дополнително ќе ја зголеми нејзината профитабилност во полза на сите засегнати страни.

Во овој контекст, како ги оценувате остварувањата на Стопанска банка АД − Скопје во изминатиов период?
Д. Николетопулос: Две илјади дваесет и трета година беше посебно успешна за Стопанска банка која оствари историски највисока профитабилност со оперативна добивка (пред резервации и оданочување) од 83,5 милиони евра, што е најдобар резултат во банкарскиот сектор во Република Северна Македонија. Дополнително, во 2023 година Банката значително го подобри квалитетот на кредитното портфолио, алоцирајќи значаен дел од својата профитабилност во намалување на нефункционалните кредити, притоа значително подобрувајќи ја покриеноста на кредитните портфолија со резервации. Тоа резултираше со импресивна нето добивка од 56 милиони евра, за 47% повисока во споредба со 2022 година.
Стопанска банка, исто така, бележи највисок раст на кредитирањето меѓу големите банки, зголемувајќи го портфолиото за 7.5 % на ниво од 1,5 милијарди евра (најголемо во земјава), а во паралела бележи и раст на депозитите за 6,4 %, зголемувајќи го нето-капиталот на 418 милиони евра – најсилен основен капитал во банкарскиот сектор, што останува во поддршка на амбициозните планови за раст и за профитабилност на банката во иднина.
Ваквите перформанси произлегуваат од силните резултати во сите изминати години со што уште еднаш потврдуваме дека банката е многу здрава и солидна организација, со докажан бизнис-модел и стратегија (за динамичко присуство во сите деловни сегменти, клиентски ориентиран пристап, прудентно управување со ризиците и со трошоците итн.), како и посветеност во остварување на амбициозно поставените цели.
Надоврзувајќи се на импресивните финансиски метрики, успешно спроведовме и поголем број значајни проекти изминатава година кои придонесоа за вкупните резултати и ја подобрија ефикасноста од нашето работење, меѓутоа истовремено реализиравме и проекти од големо значење и за пошироката јавност со што дополнително ја потврдивме високата вредност на имиџот на банката.
Што е она што, според вас, ја издвојува Стопанска банка АД − Скопје од останатите банки на пазарот?
Д. Николетопулос: За почеток ќе кажам дека тоа што нè издвојува е нашата традиција која се протега речиси 8 децении и е уникатна на пазарот. Оваа година одбележуваме 80-годишнина, односно 80 години како Стопанска банка работи во синергија со општеството, со секое семејство, со поединец или со компанија во секој дел од земјава. Ова кажува многу за значењето на брендот за заедницата, за економијата и за целава земја. Тоа е е оставина што не е лесно да се постигне, меѓутоа перформансите и целокупното присуство на банката изминативе години не само што ја одржуваат оставината туку и дополнително го зајакнуваат брендот, претставувајќи во исто време и голем мотиватор, но и „лепакот“ што го држи нашиот тим заедно. Секој од нас ја отсликува оваа значајна оставина во сите наши дневни активности бидејќи горди сме што сме дел од оваа историја и се надеваме дека идните вработени ќе бидат горди на она што сме го направиле и ќе продолжат понатаму.
Уште еден значаен факт кој ја издвојува Стопанска банка од другите е што речиси 25 години сме дел од силна, модерна и истрајна групација. Како што споменав, НБГ изминатава декада помина низ значајно реструктуирање, меѓутоа дури и низ најтешките премрежја остана да биде посветен стратешки инвеститор на Стопанска банка. Со таков инвеститор покрај нас можеме да ги оствариме нашите планови и амбиции: од иновативни производи и услуги, до подобри работни услови и услови за унапредување на вработените, корпоративно управување, споделување на вредни искуства итн.
Стопанска банка има значајно присуство на пазарот, наспроти растечката конкуренција и променливото окружување, што се одразува преку пазарното учество и кај корпоративното и кај банкарството за население. Во сегментот население, банката продолжува да биде лидер на пазарот преку понудата ориентирана кон потребите на клиентите, но и преку нагласената советодавна услуга од нашиот продажен кадар на крајните корисници во процесот на носење финансиски одлуки. Дополнително, согласно стратегијата, изминативе години остварувавме и највисок раст во корпоративното кредитирање, докажувајќи ја на тој начин посветеноста на банката да биде клучен и доверлив партнер на деловната заедница и еден од најзначајните столбови во економијата.
Растечката конкурентност на пазарот нè одржува будни, меѓутоа тимот во банката со кого работам повеќе години и со кој посебно се гордеам е професионален, силен и способен да ја издигне банката на највисокото ниво, без оглед на предизвиците и притоа да ги оствари амбициозните планови секоја година.
Банката во континуитет остварува одлични резултати. Како ќе се одразат зголемените каматни стапки на квалитетот на кредитното портфолио и на идното работење на банките? Какви се вашите оценки и очекувања во однос на идните движења на каматните стапки?
Д. Николетопулос: Факт е дека зголемените референтни каматни стапки придонесоа банките да покажат подобри резултати на краток рок. Исто така факт е дека поради зголемените каматни стапки забележавме намалена побарувачка за нови кредити и зголемување на предвремената отплата на кредитите. Меѓутоа, не се забележува значителен ефект врз способноста на клиентите редовно да ги сервисираат обврските.
Од друга страна, како што веќе може да се забележи значително намалување на инфлацијата, согласно претпоставки и анализи од повеќе извори, за очекување е во текот на 2024 година да почне постепено да се намалуваат и референтните каматни стапки. Иако голем дел од ризиците и неизвесностите остануваат, како глобално така и локално, се очекува намалувањето на каматните стапки да има позитивен ефект и да поттикне нови инвестиции кај граѓаните и бизнисите, а со тоа и зголемена побарувачка за кредити, наспроти значително помалата побарувачка со која се соочивме во 2023 година.
Неизбежното намалување на каматните стапки ќе има очигледни негативни и позитивни ефекти кај штедачите и кај корисниците на кредити соодветно. Затоа, и кај банките може да се очекува истото, со тоа што ќе се намали можноста за остварување на идни високи приходи од камати, меѓутоа од друга страна, ќе бидат подобрени финансиските резултати поради намалената потреба од резервации за покривање на ризиците кај кредитното портфолио.

Ако ги тргнеме каматните стапки на страна, кои се најголемите ризици според вас за банкарскиот бизнис во земјава, а истовремено каде лежат најголемите можности за негов развој?
Д. Николетопулос: Фокусот денес е на агилноста и на издржливоста во иста мера колку што е на идентификување на ризиците и нивната превенција. Генерално, банкарскиот систем се наоѓа во добра позиција и може да издржи големи предизвици, стабилен е и безбеден и можеби е во најдобра кондиција спореден со другите системи во земјата. Сепак, и покрај тоа што банкарството е клучен столб во креирањето на деловното окружување, тоа истовремено го мери пулсот на добрите и на проблематичните аспекти на економијата.
Во таа смисла, можностите и ризиците на банкарството се директно поврзани со севкупните текови во земјава и во економијата при што главните прашања во сегашната ситуација се поврзани со општото окружување (политичко, институционално итн.) кое од многумина е перцепирано како не баш позитивно. Имено, тука е слабиот импулс за нови проекти и инвестиции во нови технологии за производство на производи/услуги со долгорочна и одржлива перспектива, потоа пренасочувањето на приватните инвестиции речиси целосно кон недвижности и градежништвото како локомотива на економијата, додека бележиме континуиран одлив на најдинамичниот дел од граѓаните кои емигрираат во странство.
Осврнувајќи се поконкретно на банкарските предизвици, би рекол дека тие се поврзани со макроекономските и геополитичките услови кои влијаат на инфлацијата и на каматните стапки и затоа имаат директно влијание врз растот и кредитниот ризик на банкарскиот систем. Регулаторните промени и барања значително се зголемија влијаејќи со тоа на начинот на работа на банките, потенцијално зголемувајќи ги барањата за капитал и за ликвидност и трошоците за усогласување со регулативата, што со себе носи повисоки трошоци за задолжување и намалени приноси (MREL) итн. Покрај тоа, банкарскиот сектор се соочува со големи предизвици во усвојувањето на дигитални технологии и ефикасно соочување со ризиците поврзани со сајбер безбедноста, области за кои се потребни високи трошоци и нови вештини кои се дефицитарни, во корелација со целокупниот кадровски проблем во земјава.
Како што се подразбира, можностите се другата страна на паричката и произлегуваат од сериозно и успешно справување со предизвиците и ризиците, со што се создаваат услови за подобрување на компаниите и на економијата во целина.
Како се справува Стопанска банка АД − Скопје со прашањето за работна сила? Тоа е еден од проблемите што најмногу се истакнува од страна на приватниот сектор.
Д. Николетопулос: Очигледно е дека недостигаат квалификувани и талентирани луѓе, како и работна сила во сите сектори на економијата и ова е можеби најголемиот тековен предизвик во земјава.
Од друга страна, невработеноста опаѓа, но тоа не се должи само на зголемените работни места на пазарот, туку и од евидентната емиграција на помладите генерации (на возраст од 20 до 40 години) во земјите на ЕУ или уште подалеку. Можеби глобализацијата неизбежно ќе доведеше до вакви појави, како што е очигледно и во многу земји, но сите ние сме погодени од оваа растечка емиграција и од стареењето на активното население во земјава.
Затоа кадровската политика е наш најголем приоритет и се трудиме да направиме сè што е потребно за Стопанска банка да биде перципирана како еден од најдобрите работодавачи во државава, место каде што може да се работи, да се расте и да се позиционира високо во банкарскиот сектор. Меѓутоа, банкарството е професија која налага многу и оттука не е лесна, иако е многу вреднувана во сите аспекти: финансиски, професионален, угледен, влијателен итн.
Со развојот на модерните канали за комуникација, сега е многу полесно да се покаже што претставува #СТБтим и што значи тоа за нашите луѓе. Ги споделуваме нашите индивидуални или тимски достигнувања, ги поздравуваме нашите колеги, создаваме настани и активности за да овозможиме поголемо признание и видливост на секој од нашите членови на тимот, се забавуваме заедно, тренираме заедно, трчаме и возиме заедно и се грижиме и за рамнотежата меѓу работата и приватниот живот, овозможувајќи повеќе слободно време, повеќе време со семејството, време за себе и за свој личен раст и развој. Спроведувањето на соодветни механизми за евалуација и наградување е клучно за компанија како СБ со речиси 1 000 вработени бидејќи ни дава слобода да планираме, да извршуваме и дополнително да развиваме политики за наградување на тимот.
Кои активности ги презема Стопанска банка АД − Скопје во однос на корпоративната општествена одговорност?
Д. Николетопулос: Стопанска банка има многу специфичен пристап за општествено одговорните практики (ООП). Покрај тоа што имаме официјална комисија со генерална стратегија што овозможува континуирана поддршка во здравството, образованието и културата, ги вклучуваме и нашите вработени. Бараме од нив да предложат идеи и активности кои може потоа Стопанска банка да ги поддржи.
На овој начин настанаа нашите главни ООП-настани: еко иницијативата „Зелен ѕид“ во која досега се засадени над 2 000 зрели дрвја во поширокото градско подрачје; проектот „Вози право, вози здраво“ кој со своите 7 досегашни изданија го промени и начинот на размислување и пејзажот на возење велосипед во градот и секако „Сонуваме. Менуваме.“, проект кој поттикнува социјална инклузија, градејќи подобро општество за сите.
Сите овие различни области беа во фокусот на активностите на Стопанска банка во изминативе 10 години и со гордост ветуваме дека ќе продолжиме да ги надградуваме, ќе останеме посветени и ќе ги поместуваме нашите граници понатаму за доброто на сите.
Интерно она за што зборуваме е одржливоста за што нашата нова модерна зграда ќе придонесе во голема мера бидејќи е планирана како зграда од А класа во смисла на потрошувачка и на заштеда на енергија, на методологија на градба и на материјали од одржлива и долготрајна природа итн.
Покрај тоа, ние неуморно работиме да го одржиме нашиот имиџ како добар работодавач обезбедувајќи им на нашите вработени работна средина каде што ќе можат да бидат она што сакаат и каде што ќе го постигнат својот врвен професионален потенцијал.
Ја знаеме нашата улога во општеството. Ја знаеме вредноста на нашиот бренд и неговата моќ да се залага поради што пристапуваме со големо внимание спрема ООП. Да се биде една од ретките компании со толку долга историја и традиција значи дека повеќето луѓе и компании се огледуваат на вас и потребно е да се биде пример достоен за следење. Ова не значи дека сме најдобри, но секако значи дека сме мотивирани да бидеме сè подобри од година во година.
Веќе десет години живеете во Скопје. Што е она што најмногу и најмалку ви се допаѓа тука?
Д. Николетопулос: Да, пред повеќе години се преселив во Скопје и првите неколку години живеев тука со моето семејство и по сите овие години добро ги познавам градот и државава и секако дека имам мислење за нивните добри и не толку добри страни.
На добрата страна би ја ставил големината на градот што овозможува да се движите брзо и да сретнувате пријатели почесто отколку во големите градови. Тука е и фактот што Скопје е многу зелено, со изобилство на места за пешачење, секако храната − уживам во традиционалната кујна и пазарите богати со свежа и локално одгледувана храна, како и во општата атмосфера која ја создаваат луѓето, дружељубиви и комуникативни. Исто така многу добро е што сум релативно блиску до Грција, па така можам да ги посетувам моите најдраги почесто и полесно.
Од друга страна, на негативната страна дефинитивно би ги издвоил високите нивоа на загаденост, особено во студените зимски денови, што е голем проблем. Честопати се забележува и недостаток на чистота на некои места, како и недостаток на некои театарски и други сценски изведби од меѓународен карактер.
Разговараше: Зоран Јовановски