Интервјуа

Малиќи Сали: Наш приоритет во моментов е човечкиот фактор, всушност тој е најважен

Резарта Малиќи Сали

Еден од сопствениците и член на Бордот на директори на Малиќи групацијата

Гемак трејд одбележа 30 години од своето основање. Вие сте од самите почетоци во компанијата. Од оваа временска дистанца како гледате на развојот на компанијата?

Оваа година одбележуваме 30 години од основањето на Гемак. Основач е мојот татко Енвер Малиќи. Компанијата е формирана во време кога сум се родила, а тоа значи заедно сме пораснале.
Гемак е една од најуспешните дистрибутерски куќи на пазарот во земјава, која во 1991 година и официјално почна да увезува алкохол и цигари од најпознатите светски брендови.
Во изминативе три децении работевме за да успееме да изградиме силна позиција на пазарот, да бидеме најуспешна компанија за увоз и дистрибуција на алкохолни и безалкохолни пијалаци, тутун, кафе, храна и непрехранбени производи. Особено е важно да напоменам дека имаме своја дистрибутивна мрежа која покрива дури до 90 отсто oд територијата на целава држава.
Денес Гемак е синоним за успех и традиција во која се втемелени вредностите на корпоративно управување. Дел сум од силен и амбициозен тим од над стотина вработени, професионалци кои придонесуваат за успехот на компанијата.
Низ годините кои изминаа континуирано вложувавме во нови брендови и иновативни пристапи на оперативно работење што придонесе за раст, развој и успех на компанија.
Денес Гемак е столб на моќната групација Малиќи груп.

Кои беа најголемите предизвици со кои се соочи компанијата во досегашниот период на работење?

Загубата на татко ми, кој беше и одговорен за целиот бизнис, се совпадна и со економската криза предизвикана од пандемијата со корона вирусот. Тоа беше уште еден удар, но го сфативме како предизвик. Останавме силни како семејство, компанија и тим. Во услови на тешка економска криза, голема неизвесност и енергија да се совладаат сите пречки, ние пред сè успеавме да ги задржиме сите вработени, направивме реконструкција на управувањето на фирмите. Создадовме групација која ги опфати сите наши бизниси. Јас и моите двајца браќа, Албан и Алтин, влеговме во битка која немаше само емотивен, туку и сериозен финансиски товар.

Од друга страна, на што сте најмногу горди во поглед на развојот на компанијата и нејзините достигнувања?

Достигнувања имаме секојдневно. Малите чекори се посигурни за развој. Убедена сум дека последниве две години не се обични во ниеден поглед. Економска криза, пандемија, војна со Русија, сето ова изгледа како дел од некој историски роман, но реално содржината на овој роман ни се случува нам. Затоа е многу неблагодарно да зборувам за некое особено достигнување, сè што се работи со успех го сметам за достигнување, особено во последниве две години.
За да бидеме покоординирани и пофокусирани, ние во Малиќи ги поделивме секторите. И сега секој го дава својот максимум на полето на кое е најуспешен, а тоа има ефект врз целата работа. Функционираме како борд.
Горда сум што сме сите на број, фокусирани и расположени за напредок.

Денес Гемак трејд е дел од Малиќи груп. Кажете ни нешто повеќе за „личната карта“ на оваа групација. Кои компании ја сочинуваат и која е нивната дејност?

Групацијата се состои од компании кои работат во регионот во областите од дистрибуцијата, недвижноститe, градежништвото и угостителството. Всушност, тоа се компаниите: Гемак, Гекос, Малиќи констракшн со странски инвестиции во Rajana Engeneering, Hindenburg Germanija, Gemak Telecommunication Services, Enternet, Vala distributer, Parkland Hospitality Group, Immoreks, Cactus construction .
Досега овие компании, од различни сектори на бизнисот, дистрибуцијата, недвижностите и угостителството, функционираат како поединечни правни единки. Сега, како дел од групацијата, меѓусебно се координираат со цел прогресивен раст на компаниите, притоа користејќи ги капацитетите на вработените и нивната експертиза од различни индустрии.
Дистрибуција вршиме преку фирмите Гемак и Гекос на Косово, а како бизниси се присутни на двата пазари за речиси идентични производи (цигари, алкохол).
Имаме договор за дистрибуција со двата најголеми оператори, Телеком во Македонија и Вала на Косово.
Во хотелиерството засега сме со два хотели, само во Македонија.
Во бизнисот со градежништво работиме во Македонија и Косово, а имаме планови за проширување и на други пазари, со голем потенцијал за Хрватска и Германија.
Во овие исклучително тешки две години се обидовме да го испорачаме сето она што го планиравме, зад нас застана тим од 400 вработени во Малиќи групацијата.

Глобалната економија и светот се под голем удар како од пандемијата од корона вирусот така и сега од конфликтот во Украина. Како се справува вашата компанија со оваа ситуација?

Глобалната економија беше под силен удар на пандемијата од корона вирусот, а сега е на удар од конфликтот во Украина. Светот се наоѓа во тешка состојба во услови на поскапување на енергијата и глобален недостиг на суровини. Состојбите на многу начини ја ослабнаа економијата, штета имаат и бизнисите од нашата групација.
Ние работиме претежно услужни дејности, а тој сектор секаде во светот е најпогоден од кризите. Овој сектор беше затворен речиси една година, а во тој период најголем предизвик беше да се одржи функционалноста на компанијата.
Во тие услови на криза баравме одговор преку разни анализи на пазарот, проектиравме различни сценарија и бизнис-планови и се фокусиравме кон нови канали на продажба.
Дистрибуцијата како бизнис исто така ја почувствува економската криза. Се соочивме со проблем на набавка на стока, ограничување на меѓународниот транспорт, неизвесност во наплатата и намалена куповна моќ.
Но, најважно ни беше да го задржиме фокусот на принципите, да одржиме финансиска стабилност и ликвидност, да ги задржиме вработените и да изнајдеме нови канали на продажба со кои ќе бидеме поблиску до купувачите. Успеавме да останеме стабилен партнер. Нашите напори дадоа резултат и сега можам да кажам дека имаме подобра финансиска состојба од таа во 2021 година.

Како дел од приватниот бизнис-сектор, што е она што сметате дека Владата треба да го направи во една ваква ситуација за да го помогне работењето на компаниите?

Економската криза од воениот конфликт во Украина донесе недостиг на енергенси и на суровини, глобално. Цената на струјата исто така е неизвесна, врзана е со берзата. Инфлацијата има значајно влијание врз потрошувачката моќ. Цените на металите, на енергенсите, на прехранбените производи растат. Инфлација има и во многу европски земји, сите увозници се соочуваме со покачување на цените.
Владата се обидува преку одредени мерки, како покачување на минималната плата, ограничување на цените и намалени даноци на прехранбени продукти да ја одржи потрошувачката моќ, но со другите мерки како најава и дозвола за зголемување на каматните стапки на кредитните продукти тоа не оди во прилог ниту на компаниите ниту пак на потрошувачите.

Какви се вашите очекувања за периодот што претстои? Што носи иднината за македонската економија, а што конкретно за вашата компанија?

Сакаме и сме оптимисти, но кога е во прашање светската економска криза работите не изгледаат добро. Погодени се и мали и големи фирми, од сите сектори.
Ударот од оваа криза е силен. Не постои енергенс на кој цената не му пораснала. Убедена сум дека кризата ќе потрае и нема да заврши заедно ниту со пандемијата ниту со војната во Украина. Следува период во наредниве години во кои треба да се привикнеме и да бараме алтернативи. Најголем губитник од војната во Украина е европската економија, а ние сме дел од таа економија.
„Треба добро да се подготвиме за зима“, тоа значи сите, како домаќинствата, така и бизнис-секторот треба умно да планираат. Ние сме подготвени, компаниите во Малиќи групацијата работат како пред кризата, но очекуваме повеќе.
Секако, нашата групација ја гледам на врвот, но многу претпазливо ќе влеземе во новата инвестициска и економска сезона.
Наш приоритет во моментов е човечкиот фактор, всушност тој е најважен.

Какви се идните планови на групацијата?

Малиќи групацијата опфаќа компании кои работат на територијата на Северна Македонија и компании кои работат на Косово.
Но, тука не застануваме, конечно имаме и сопствено производство и бренд.
Очекуваме промоцијата да се случи многу скоро.

Дигитализацијата на работењето и примената на напредни технологии стануваат услов за успешно работење во периодот што доаѓа. Што правите во тој поглед?

Многу важен сегмент од вмрежувањето на компаниите е дигитализацијата со што се унапредува оперативното работење на сите нивоа и се подобрува функционалноста на секоја од компаниите поединечно, но и на ниво на групација.
Дигитализацијата во работењето е реалност, а ние се прилагодуваме многу брзо на неа.
За време на пандемијата, секако, го зголемивме користењето на онлајн состаноците и онлајн продажбата. Короната нè натера побрзо да се приспособиме на овие нови текови.
Дигитализацијата ја користиме како алатка, канал за контакт и продажба на нашите производи. Таа овозможува многу брзо и едноставно да комуницираме со купувачите, но и многу брзо да им ги претставиме производите што ги нудиме.
Короната нè натера да отвориме онлајн продавница која успешно работи. Олеснат е пристапот до целиот асортиман, сè е ставено на располагање на нашите купувачи.
Не можам ни да замислам како изгледаше трговијата порано. Во денешно време, тоа е многу едноставно.
Но, од друга страна, дигитализацијата и видеосостаноците сметам дека повеќе изморуваат. Подобро е кога гледаме лице во непосредна близина, па затоа со големо нетрпение ги пречекавме првите гости по карантинот кои пристигнаа во нашите хотели Некст дор Парк хотел и Парк хотел и спа, но и во рестораните Фор и Брик ит. Можноста клиентите да нè видат и да ја коментираат нашата работа е неверојано продуктивно.

Семејството на Енвер Малиќи основа и фондација која ќе го носи неговото име. Каква ќе биде нејзината активност и во кои области ќе дејствува?

Особено сум горда на фондацијата која го носи името на мојот татко. Тој не беше обичен човек, во себе имаше толку многу љубов за сите, типичен визионер, работник, другар, знаеше што да прави и кога некој ќе падне и кога некој ќе успее. Се радуваше на туѓите успеси подеднакво како и на своите. Ме прави спокојна што беше горд на своето семејство, на тоа какви деца израсна. Ни ги остави неговите соништа и желбата да помага.
Сега мајка ми во сеќавање на својот сопруг ја предводи Фондацијата „Енвер Малиќи“. Таа е исто толку успешна во тоа што го работи.
Преку Фондацијата мајка ми Мевљуде сега ја упатува целата негова љубов, емпатијата, добрината и желбата да се помогне на друг.
Визијата на Фондацијата „Енвер Малиќи“ е да работи посветено за општество во кое граѓаните ќе учат да преземаат одговорност и да ја разбираат моќта на заедништвото, да бараат решение за социјалните проблеми, економските, образовните и да ги воздигнуваат уметноста и културата. Фондацијата е посветена на грижата и на економското зајакнување на граѓаните во социјален ризик со посебен акцент на младите и на децата. Се стреми да ја поттикне солидарноста и духот на заедниците во општеството преку развојот на филантропијата.
Фондацијата ќе придонесе за развој на порамноправно, толерантно и солидарно општество во Македонија и Косово.
Екологијата е исто така наш таргет. Еден од поголемите проекти кои ги зачнавме на оваа тема е обнова на мали паркови и зеленило во Скопје. Татко ми беше особено поврзан со градот, имаше многу планови за него. Обновивме прекрасно зелено ќоше во Дебар Маало. Поточно паркот во чест на старото Кино „Карпош“ доби нов живот. Сега, покрај локалните жители, доаѓаат и млади од целиот град затоа што таму постојано се случуваат некакви настани. Создадовме мало културно, зелено место за уживање.
Планираме во повеќето скопски општини да подигнуваме паркови. Симболично така ќе подигнуваме нов и поздрав свет за нашите деца.
Годинава Ифтар и Велигден се погодија во исти денови, па вработените од групацијата волонтираа и поделија ифтарска вечера за околу 150 лица кои живеат на улицата „Дижонска“ во Чаир. Поставивме маси и столови, приборот за јадење беше ист каков што го имаме во нашите ресторани Фор и Брик ит, на тој начин сакавме да им укажеме чест. Со многу љубов готвевме само за тие луѓе. Многу емоции нè совладаа седејќи заедно со нашите сограѓани на една маса. Заедно со Општина Центар поделивме и оброци за сите кои славеа Велигден. За нас нема поделба по вера и националност. Работиме сите заедно, растеме деца сите заедно, сите се трудиме да ни биде подобро и посигурно.
Особено сме горди на нашата соработка со Македонската филхармонија. Културата, уметноста и традицијата се многу важни, така се гради, ама и негува историјата.
Пред нас се големи предизвици и како Фондација. Сигурна сум дека ќе успееме да направиме промена и да бидеме добар пример за споредба, да мотивираме и други општествено-одговорни и освестени компании да направат повеќе за заедницата.


 

Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО