Бјунг-Чул Хан (Byung-Chul Han) е претставник на новата генерација современи философи. Автор е на повеќе од 30-тина дела во кои се занимава со причините на појавата на современата криза на постмодерните општествата на западната култура. Познат е како остар критичар на капитализмот, на неолиберализмот, антиглобалист кој ги критикува отуѓеноста и отуѓените општества, како и општествените феномени кои се јавуваат како резултат на дигиталната технологија и на социјалните мрежи.
Бјунг-Чул Хан е роден во 1959 г. во Сеул. Студирал металургија по желба на родителите, иако немал никаков интерес, а ниту можност и право на избор. По дипломирањето, на 22-годишна возраст, емигрира во Германија. Не го познава германскиот јазик, а ниту дотогаш бил запознат со западноевропската култура, вклучително и западната рационалистичка философија. Сепак, учи германски и подоцна студира философија, книжевност и католичка теологија на Универзитетот Фрајбург во Базел и во Минхен. Во 1994 година, докторира на философијата на Мартин Хајдегер. Денес живее и работи во Берлин каде што повремено предава философија на Универзитетот за уметност. Бјуг-Чул Хан негува специфичен стил на живот: во текот на денот пишува само по неколку реченици, свири пијано, ужива во прошетки во природа или во социјалниот живот, а работи навечер. Одговорот на прашањето зошто токму таков необичен стил на живот може да се пронајде во неговото дело „Општество на прегорување“ („The Burnout Society“, 2010). Во современото општество, забележува Хан, притисокот што го чувствува човекот на 21 век не е однадвор, доколку и постои − тој е мал или незначителен во однос на притисокот кој самиот си го создава и си го креира. Современиот човек е во потрага по чувството на слобода, по тоа што го ослободува, тој е во потрага по независност и самоостварување, реализација и продуктивност, при што „возен“ од сопствените амбиции незабележително запаѓа во сопствената стапица на самоексплоатација и саморегулација. Се смета себе си за „господар на своето време“, всушност им робува на своите амбиции и алгоритми. Да се биде прв, најдобар, финансиски моќен, остварен, реализиран, успешен, да се постигне и да се освои невозможното, да се придвижат границите на можното потаму и повисоко и уште повеќе − е стил и начин на живот кои го водат до прегорување, до константен замор, до умор, до анксиозност, до алиенација и до депресија. Современите општества се преморени, прегорени и застранети. Наместо ваквиот убиствен начин на живот, Хан предлага враќање кон контемплација и човечност.
Втората тема која е во фокусот на интересот на Хан е љубовта во современото општество. Во делото „Агонија на Еросот“ („The Agony of Eros“, 2012) пишува за „заболеност“ на љубовта. Хан на почетокот дава генеза − приказ на љубовта низ долгата човечка историја на вреднување. Човекот ја вреднува љубовта и ја разбира „како највисок израз на човечноста“, но токму оваа човечка потреба и појава полека, но сигурно исчезнува од човечкиот хоризонт. Во западната филозофска традиција, за природата на Богот на љубовта, Ерос, пишува уште Платон во дијалогот „Гозба“ каде што Сократ беседи за неа од сето она што го научил од Диотима. Го опишува како „трагач по доброто и убавото“ и „силен дајмон“. Тој е божествен посредник меѓу двата света. Ги пренесува желбите на луѓето до боговите, како и благословите на боговите до луѓето. Го поврзува смртникот со природата на Бога и ја исполнува „празнината меѓу едното и другото“.
Карактерот му е одреден од потеклото на родителите. Тој е зачнат на роденденската забава на Божицата на убавината, Афродита, а родители му се Порос (изобилство/богатство) и Пенија (сиромаштија). Ерос се спомнува и на самиот почеток на постанокот на светот, покрај Хаос и Геја, како еден од првите космички принципи. Симболизира сила на привлекување и на создавање. Тој го создава и го раѓа светот. Сепак, за Хан, времето на дигитализација и технолошкиот напредок не се најповолни за Ерос да ги живее своите славни времиња. Тоа е така поради затвореноста на современиот човек. Како последица на „ограниченоста“ во која е заглавен, во светот на амбицијата и на алгоритмите на функционалност и на функционирање, во консумеризам и во конформизам − во тој затворен свет го губи и го разградува Еросот, го стерилизира и го гасне. А дури и кога има порив, копнеж и страст за друго, не го препознава. Од друга страна, еротската љубов пак овозможува поглед надвор од себе и надвор кон светот. Токму преку Еросот е присутна моќта на согледување на суштината на светот и на сè што нè опкружува, преку него е возможен духовен, емотивен, психички и интелектуален раст на личностите, тој е извор на инспирација и на имагинација, а поврзува во трансцедентност, во феноменот на две половини во една целина, во заедништво каде што е можно и раѓање на нов свет − потомство. Тој е сеприсутен раскошен двигател на животот сè до спасение. Третото по ред од изборот на најпопуларните дела на Хан е преведено на македонски во редакција на издавачката куќа Темплум − делото „Психополитика“ (2014). „Психополитика“ е провокативна критика на модерниот капитализам и неолиберализам во која Хан ја анализира доминацијата на „центрите на моќ“ кои применуваат суптилни методи на контрола врз психичкиот свет на поединецот преку алатките за масовна комуникација во современото општество − социјалните мрежи и интернет-културата.
Пишува: Светлана Поп-Дучева – доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис, 01 април 2025
(фото: Скриншот од https://www.youtube.com/)








