Стабилноста на националната валута е директен резултат на стабилните политики

Македонскиот денар ја задржува својата стабилност и во услови на глобална економска неизвесност – изјави денеска заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, кој присуствуваше на штипскиот Економски факултет на одбележување на Денот на македонскиот денар.

Тој истакна дека довербата на граѓаните и компаниите во домашната валута останува висока, а тоа се потврдува и преку растот на депозитите, нагласувајќи дека Министерството останува посветено и на намалувањето на сивата економија.

-Стабилноста на националната валута е директен резултат на стабилните политики кои што ги води државата и оваа Влада и претходните Влади и секако Народната банка на Македонија. Согласно податоците од март 2026 година, забележан е  годишен раст од 16,3% кај депозитите од денари, од страна на граѓаните и од 13,3% зголемување на депозитите во денари од страна на корпоративниот сектор-рече Јанкуловски.

Љубе Трпески, поранешен гувернер на Народна банка, но и член на комисијата која го реализирала проектот за воведување на македонскиот денар вели дека војната во Заливот, може да има одредени економски последици, но, оти директно нема да ја наруши стабилноста на денарот.

-Здравјето на денарот не може да го наруши, но ќе има последици врз економијата, бидејќи ние сме врзани со еврото како што ќе слабее еврото, така ќе слабее и денарот. Меѓутоа да се надеваме дека ќе заврши брзо војната и дека нема да има такви тешки последици – велиТрпески.

Годинава македонскиот денар, одбележува 34 години од неговото воведување како национална валута. Трпески, се присети на тој  период, нагласувајќи дека тогаш инфлацијата на дневно ниво достигнувала вредности кои денес се карактеристични за годишно ниво, што, како што истакнува, јасно ја отсликува разликата во економската стабилност во тој период и денес. 

Банкарот Тони Стојановски истакна дека довербата во денарот создава стабилна основа за идниот економски развој.

-Оваа монетарна стратегија има консензус помеѓу сите досегашни Влади, гувернери, економската, политичка јавност и до ден денес останува актуелно, заедно го градевме и банкарскиот сектор и финансискиот систем во целина. Она што го имаме денес како доверба во денарот е нешто што ни дава цврсти основи, за да можеме да се фокусираме на онаа иднина што ни доаѓа – изјави Стојановски. 

 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано