Пловечка платформа на вода или фиксна конструкција на суво – два концепти за довршување на пешачката патека во Дојран

Студенти од Меѓународен балкански универзитет презентираа иновативен проект за надминување на прекинот на пешачката врска меѓу Стар Дојран и Нов Дојран, при посета на Општина Дојран.

Станува збор за визионерско решение кое предвидува изградба на пловечка пешачка и велосипедска патека, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците без контакт со сообраќајот на регионалниот пат. Проектот беше презентиран пред градоначалникот, општинските претставници и потенцијални инвеститори.

– Станува збор за визионерска пловечка пешачка и велосипедска патека, дизајнирана како потенцијално ново обележје што може да го трансформира урбаното искуство во Дојран, се наведува во објавата на Меѓународниот балкански универзитет.

Еден од менторите на тимот студенти, професорот д-р Александар Андовски, за МИА објаснува дека проектот се однесува на решавање на клучниот урбан проблем во Дојран – прекинот на пешачката врска помеѓу Стар и Нов Дојран, односно делот каде патеката завршува „слепо“ кај последните станбени објекти кои излегуваат на самиот регионален пат. 

– Во рамки на идејниот пристап беа разработени два концепта: пловечка структура на вода, која флексибилно се прилагодува на нивото на езерото и фиксна (статична) конструкција, поставена во плиткиот појас. Двете варијанти овозможуваат и поширока просторна врска, меѓу црквата „Св. Георгиј” во Нов Дојран и новиот комплекс на хотелски апартмани во изградба, со што се заокружува крајбрежниот потег како функционална и атрактивна целина. Овој сегмент моментално претставува недостасувачка алка во континуираното движење покрај езерото, а основната идеја за воспоставување на пешачка патека долж крајбрежјето произлегува од мои претходни истражувања и предлози за уредување на овој потег, кои беа презентирани и пред локалната самоуправа, вели Андовски.

Предвидената интервенција на делот од патеката што недостасува, а треба во целост да го заокружи поврзувањето на стариот и новиот дел од Дојран е со должина од околу 250 метри, и како што објаснува професорот, би можела да се изведе од прифатливи материјали за околината.

– Материјализацијата е предвидена со еколошки и локално прифатливи материјали (дрво, лесни метални конструкции), со дизајн кој го почитува природниот контекст. Целта не е само да се зачува постојниот контакт со езерото, туку и да се создаде нов препознатлив просторен белег, кој ќе го надгради идентитетот на Дојран. Идејата беше позитивно примена на ниво на концепт, а на презентацијата присуствуваа и локални инвеститори, кои покажаа интерес за понатамошно разгледување на можностите за реализација. Покрај интересот од потенцијалните инвеститори, постои и изразен интерес од страна на општината за понатамошна разработка и можна реализација на проектот, вели Андовски.

Пред два месеци и градоначалникот на Општина Дојран, Илија Тентов, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека се обновува соработката со Меѓународниот балкански универзитет со презентација на предлог – идеен проект за решение на пешачка патека на делот кој го поврзува Нов и Стар Дојран, каде што нема можност од тротоари. 

– Со овој капитален проект ќе се реши долгогодишниот проблем особено во делот на безбедното движење на нашите сограѓани, но и на туристите и ќе се овозможи целосно безбедна пешачка и велосипедска патека. Идејниот проект ќе биде презентиран за сите заинтересирани граѓани за да придонесат со свои забелешки, а по разгледувањето, ќе се пристапи кон подготовка на основен проект и реализација на истиот, наведене е во објавата.

Откако пред десеттина години се изгради патека од новиот до стариот дел на Дојран, туристите и жителите може да се движат безбедно долж езерото на потегот од плажата „Калдрма” до граничниот премин со соседна Грција, а делот од влезот во Нов Дојран кон „Калдрма” се уште останува отсечен. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано