Цените на нафтата денеска скокнаа за повеќе од 5%, поради стравувањата дека прекинот на огнот меѓу САД и Иран би можел да пропадне откако САД запленија ирански товарен брод, а сообраќајот низ Ормускиот теснец остана во голема мера запрен.
Фјучерсите за суровата нафта Брент пораснаа за 5,08 долари, или 5,62%, на 95,46 долари за барел, а американската Западна Тексашка Интермедија беше на 88,86 долари за барел, што е зголемување од 5,01 долари, или 5,97%.
Светот мора да се подготви за „значително повисоки“ цени на енергијата доколку Ормускиот теснец не се отвори, предупреди шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол.
Бирол додаде дека, дури и ако тој клучен морски пат се отвори повторно, цените на енергијата нема веднаш да се „вратат во нормала“.
„Треба да се подготвиме за нестабилни пазари во подолг период“, изјави тој за Бирол за швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг.
Тој, исто така, предупреди дека порастот на цените ќе се почувствува низ целиот свет и дека пазарите досега го потценувале влијанието на војната. Причината за ова, наведува тој, е фактот дека танкерите за нафта и гас кои веќе беа на пат пред почетокот на конфликтот, во меѓувреме пристигнаа на своите дестинации. Овие испораки досега го „омекнаа ефектот“ од војната, но во март не беа натоварени нови танкери, рече тој.
Шефот на ИЕА проценува дека ќе бидат потребни околу две години за да се врати производството на енергија изгубено на Блискиот Исток по војната со Иран, забележувајќи дека темпото на закрепнување ќе се разликува од земја до земја.
„На пример, во Ирак, закрепнувањето ќе трае многу подолго отколку во Саудиска Арабија. Сепак, проценуваме дека ќе бидат потребни вкупно околу две години за да се вратиме на нивоата од пред војната“, рече тој.
Фото Економија и бизнис






