Над 65 издавачи и повеќе од 150 активности беа најавени на годинешниот Саем за книгата – информираа Даниела Глигоровска, извршен директор, Сања Кондарко, оперативен директор на Саемот на книгата и Бојан Саздов, претседател на Македонскатра асоцијација на издавачите (МАИ) на денешната прес-конференција за она што е планирано.
Работното време на Саемот ќе биде од 10 до 20 часот од 23 април, четврток. Слоганот годинава е „Отвори прозорец кон нови светови“.
– Повеќе од 65 издавачи се присутни, арената ќе биде преполна. Повеќето се македонски издавачки куќи, посебен штанд со дела ќе има и Министерството за култура на Србија. Над 150 програмски активности се очекуваат годинава како дел од Саемот на книгата во Скопје – соопшти Глигоровска.
В четврток, на отворањето на Саемот на книгата, најавено е присуство и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
– Се очекува и годинава, како и претходни години, ЈСП – Скопје да има специјална линија за љубителите на пишаниот збор да може да го посетат Саемот на книгата. Програмата годинава е навистина импресивна – додаде Глигоровска.
Таа истакна дека Министерството за култура и туризам традиционално го поддржува Саемот за книгата, што, нагласи, е многу значајно.
Кондарко рече дека програмските активности се за сите генерации. Ќе има и можност за разговори со македонски, како и странски автори. Најавена е и викенд-програма за деца.
Саздов нагласи дека МАИ годинава слави 10 години од основањето. Тој се осврна на Фелоушип-програмата за 2026 година. Предвидена е и панел-дискусија за македонската книжевност, перспективи и можности. Како што беше соопштено, публиката и гостите ќе може да зборуваат на темата.
Саемот на книгата во Скопје годинава ќе биде свечено отворен в четврток, 23 април, со почеток од 13 часот.
Од 16 часот Државниот архив организира промоција на „Османлиски документи за историјата на Македонија, попис на христијанското население од сдкопски Санџак, тетовска каза, 1838/1839 година“ на доц. д-р Аднан Шериф.
В петок, меѓу другото, предвидено е да се промовира „Македонскиот етимолошки речник“, том 1, во организација на ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје. Институтот за национална историја – Скопје организира промоција на „Политика на тутунското производство во вардарскиот дел на Македонија во меѓувоениот период – документи“ од авторот Вера Гошева. В петок ќе бидат свечено доделени наградите на Македонската асоцијација на издавачите (МАИ).
На 26 април, недела, Државниот архив организира промоција на „Државен архив – столб на македонското битие“ од доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, јубилејна публикација.
Наредниот ден, понеделник, Институтот за национална историја – Скопје е организатор на две промоции. Првата, чиј автор е Силвана Сидровска-Чуповска, „Документи за црковно-просветната дејност на егзархијата во Македонија (1878 – 1912)“, и втората е од авторот Армен Жарноски, „Образовниот систем во Македонија за време на османлиското владеење“.
Извор/фото МИА





