Глобалните јавни финансии се под зголемен притисок, а вкупниот државен долг би можел да достигне 100 проценти од светскиот БДП до 2029 година, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во денешната анализа на фискалните случувања за периодот 2025-2026 година како дел од Фискалниот монитор.
Според податоците од извештајот, глобалниот јавен долг се зголемил на речиси 94 проценти од БДП во 2025 година, а земјите продолжуваат да се соочуваат со значителни притисоци врз трошењето и каматните оптоварувања.
Глобалниот фискален дефицит останува висок, на околу пет проценти од БДП, додека трошоците за камати значително се зголемија, од два до речиси три проценти од глобалниот БДП во последните четири години, поради рефинансирање на долгот со повисоки каматни стапки.
Меѓу најголемите економии, Соединетите Американски Држави бележат дефицит од седум до осум проценти од БДП, со проекција дека јавниот долг ќе достигне 142 проценти од БДП до 2031 година, без јасен план за фискална консолидација.
Кина го зголеми својот дефицит на речиси осум проценти од БДП, додека нејзиниот долг би можел да се зголеми на 127 проценти од БДП во истиот период, поради континуираните фискални стимулации.
Во Европа, зголемените воени трошоци и стареењето на населението дополнително го оптоваруваат фискалниот простор, додека некои земји ги олабавија фискалните правила.
Динамиката на долгот на Јапонија се подобрува благодарение на растот и инфлацијата, но се соочува со рекордни приноси од обврзници, предупредува ММФ.
Земјите во развој и економиите со ниски приходи се соочуваат со особено изразени предизвици, вклучувајќи високи нивоа на долг и историски високи каматни трошоци во однос на буџетските приходи, со истовремен пад на меѓународната помош, се додава во извештајот.
Скратувањето на роковите на достасување на долгот, особено во Соединетите Американски Држави, дополнително го зголемува ризикот од рефинансирање и изложеноста на каматни стапки.
ММФ, исто така, предупредува на ризикот од слабеење на независноста на централните банки поради фискални притисоци, што би можело да ги зголеми инфлаторните очекувања и да ги зголеми премиите за ризик.
Долгорочните закани вклучуваат стареење на населението, особено во развиените економии, како и потенцијални обврски како што се загуби на државните претпријатија или трошоците од природни катастрофи, се наведува во извештајот на ММФ, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис





