Управата за јавни приходи потсетува дека на 16 април истекоа законските рокови за плаќање на разликите по годишните даночни биланси за 2025 година и ги повикува обврзниците кои се уште не извршиле уплата, тоа да го сторат без одлагање.
Од вкупно 19.550 поднесени биланси за данок на добивка, данок на вкупен приход и данок на личен доход кај вршителите на дејност во кои е искажана обврска за плаќање, кај 10.252 е евидентирана уплата, што, според Управата за јавни приходи, укажува на солидно ниво на даночна дисциплина.
– Навременото плаќање на даноците е клучно за стабилни јавни финансии и непречено функционирање на јавните услуги, додека ненавременото плаќање значи зголемување на долгот поради камата и ризик од присилна наплата, блокирање на банкарски сметки и други мерки, велат од УЈП.
Како што информираат, веќе испраќаат персонализирани известувања до компаниите и вршителите на дејност со заостанати долгови.
– Апелираме за итно плаќање на долговите со цел да се избегнат дополнителни трошоци. Во спротивно, ќе следува присилна наплата со дополнителни давачки како еднократна такса и банкарски трошоци кои го зголемуваат вкупниот долг и ќе влијаат врз тековното работење. УЈП потсетува дека обврските може да се подмират и преку уплата од трето лице, како и преку пребивање со даночно побарување на обврзникот, а на располагање е и можност за плаќање на рати согласно законските услови, се вели во соопштението.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис






