Западен Балкан ја зајакнува соработката за обнова на екосистемите и решенија засновани на природата во рамки на Зелената агенда

Претставници на владите и клучни засегнати страни од Западен Балкан минатата недела учествуваа на Конференцијата за обнова на екосистемите во Западен Балкан. Целта на настанот беше да се зајакне регионалната соработка, да се поттикне спроведувањето на решенија засновани на природата и да се поддржи Зелената агенда за Западен Балкан.

Тридневниот настан беше организиран од Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за зачувување на природата (International Union for Conservation of Nature – IUCN) за Источна Европа и Централна Азија, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија. Конференцијата претставуваше платформа за премин од политички заложби кон конкретна примена на терен.

Екосистемите во Западен Балкан се соочуваат со сè поголеми притисоци поради неодржливо користење на ресурсите, промени во користењето на земјиштето, загадување и климатски промени, што доведува до губење на биодиверзитетот и намалена отпорност на заедниците и економиите. Во овој контекст, обновата на екосистемите и решенијата засновани на природата добиваат сè поголемо значење како интегрирани пристапи што одговараат на климатските, еколошките и социо-економските предизвици, истовремено поддржувајќи долгорочен одржлив развој.

Конференцијата ја поддржа имплементацијата на Зелената агенда за Западен Балкан и придонесе кон унапредување на клучните регионални политики, вклучително и новиот Стратешки план за биодиверзитет на Западен Балкан 2030 година и Планот за обнова на шумските предели во Западен Балкан. За време на конференцијата беше претставен нацрт-Планот за обнова на шумските предели во Западен Балкан, при што беше нагласена неговата важност како стратешка рамка за насочување на напорите за обнова низ регионот, зајакнување на екосистемските услуги и придонес кон подобрување на состојбата на природата во Западен Балкан преку координирано и заедничко дејствување.

Инвестирањето во зачувување на природата (financing nature)

беше еден од централните столбови на конференцијата, со фокусирани дискусии за мобилизирање и усогласување на инвестициите за применливи решенија засновани на природата низ Западен Балкан. Донатори, меѓународни финансиски институции, организации за заштита на природата и технички партнери разговараа за тоа како приоритетите за обнова и биодиверзитет може да се претворат во иницијативи подготвени за инвестирање, вклучително преку подготовка на проекти, техничка помош, комбинирано финансирање, вклучување на приватниот сектор и посилна координација околу регионалните приоритети.

Влатко Трпески, раководител на Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, ја истакна важноста на заедничкото дејствување во регионот: „Предизвиците со кои се соочуваат нашите екосистеми не познаваат граници. Работејќи заедно во рамки на Зелената агенда, ја зајакнуваме нашата посветеност на обновата на екосистемите и на проширувањето на примената на решенија засновани на природата. Истовремено, мора да признаеме дека инвестирањето во природата е инвестиција во нашите економии, отпорноста и благосостојбата. Мобилизирањето финансии и зајакнувањето на партнерствата ќе бидат од суштинско значење за нашите заеднички заложби да се претворат во трајни резултати на терен.“

„Шведска е горда што ја поддржува регионалната соработка за унапредување на обновата на екосистемите и решенијата засновани на природата низ Западен Балкан. Преку иницијативи како ADAPT 2.0, работиме со партнерите на зајакнување на спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан, преку претворање на политичките заложби во конкретни активности на терен. Инвестирањето во природата е од суштинско значење, не само за климатската отпорност и биодиверзитетот, туку и за одржливиот економски развој и благосостојбата на заедниците низ регионот“, изјави Петра Бурчер, раководителка на Одделот за Западен Балкан и Турција при Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida).

„Зелената агенда обезбедува силна рамка за трансформативно дејствување низ Западен Балкан. Меѓународната унија за зачувување на природата тесно соработува со партнерите за зајакнување на регионалната соработка и унапредување на обновата на екосистемите, преку претворање на политичките заложби во конкретни активности на терен. Постигнувањето трајно влијание за природата и луѓето ќе зависи од континуирана заедничка акција“, истакна Оливер Аврамоски, регионален директор на Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за зачувување на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO).

Конференцијата ја нагласи потребата да се премине од развој на политики кон нивно спроведување, преку утврдување практични пристапи, финансиски механизми и партнерства што може да го поддржат проширувањето на примената на решенија засновани на природата и иницијативите за обнова на екосистемите на национално и регионално ниво. Настанот обедини различни засегнати страни со цел да се разменат знаења, да се пренесат искуства и да се разгледаат можности за координирано дејствување меѓу секторите.

По неговото усвојување, спроведувањето на Планот за обнова на шумските предели во Западен Балкан се очекува дополнително да ја зајакне регионалната соработка и да ги поддржи заложбите во рамки на Стратегијата на ЕУ за биодиверзитет 2030Глобалната рамка за биодиверзитет Кунминг – Монтреал и Парискиот договор. Постигнувањето на овие цели ќе бара континуирана соработка, мобилизирање ресурси и посилно вклучување на развојните партнери и приватниот сектор за поддршка на спроведувањето на терен.

Преку поттикнување дијалог, зајакнување на партнерствата и усогласување на напорите околу заедничките приоритети, Конференцијата за обнова на екосистемите во Западен Балкан имаше цел да придонесе кон покоординиран и поефикасен регионален пристап за обнова на екосистемите и примена на решенија засновани на природата, зајакнувајќи ја заедничката амбиција на Зелената агенда за поодржлива и поотпорна иднина.

Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „ADAPT 2.0: Решенија засновани на природата за ублажување и адаптација кон климатските промени во Западен Балкан“, кој го спроведува IUCN ECARO, а е финансиран од Шведска преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida). Проектот ги поддржува земјите од регионот во интегрирањето и проширувањето на примената на решенија засновани на природата за справување со климатските предизвици и предизвиците поврзани со биодиверзитетот, во согласност со регионалните и глобалните заложби.

Повеќе од истиот автор

Најчитано