ЗА ГЕРМАНИЈА ЕКСТРЕМНАТА ТОПЛИНА И СУШАТА ЧИНИ (ПРЕ)СКАПО, највисока поединечна штета е од намалената продуктивност

Екстремната топлина и долгата суша ја чинеа германската економија најмалку 36 милијарди евра ова лето, проценува Гринпис, што претставува 0,8 до 0,9 проценти од вкупната економска активност на земјата.

Проценката ги вклучува економските загуби од неуспешни земјоделски култури, шумски пожари и трошоци за здравствена заштита, како и загубите на продуктивност и трошоците за образование предизвикани од високите температури.

„Ова лето исполнето со топлина и суша беше катастрофа за милиони луѓе и економијата“, рече финансискиот експерт на Гринпис, Маурисио Варгас.

Националниот температурен рекорд беше соборен три дена по ред во јуни, со највисока температура од 41,7 степени  регистрирани во источната покраина Бранденбург. Бројни големи шумски пожари избувнаа и во последните недели.

Гринпис проценува дека десетици милиони работни часови се изгубени поради топлината, додека се очекува долгиот сушен период значително да ги намали приносите во некои делови од земјата.

Пловидбата по внатрешните водни патишта мораше да биде суспендирана на некои делови поради екстремно ниските нивоа на водата на главните реки како што е Рајна. Индустриите што зависат од големи количини суровини и полуготови производи, вклучувајќи ја хемиската, челичната и нафтената индустрија, беа особено погодени.

Гринпис нагласи дека ова е проценка заснована на нецелосни податоци, но сепак е важно да се пресмета обемот на економската штета предизвикана од високите температури.

Најголемата поединечна штета е изгубената продуктивност. Се проценува дека околу 25 дена екстремна топлина предизвикале загуби од 10,8 милијарди евра поради пониска продуктивност и зголемено отсуство од работа.

Штетата врз шумите се проценува на пет до 7,5 милијарди евра, додека трошоците за здравство достигнаа 6,9 милијарди евра. Земјоделството, внатрешната пловидба и образованието исто така беа значително погодени, пренесува Пословни дневник.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано