На почетокот на годината, и покрај последиците од војната во Иран, германската економија постигна раст, барем минимален, потврди Дестатис во петокот. Во меѓувреме, конфликтот почна да остава подлабоки траги, па долгоочекуваното закрепнување сега е доведено во прашање.
Имено, во првите три месеци, бруто домашниот производ порасна за 0,3 проценти во квартална споредба, објави агенцијата ДПА.
Извозот, кој скокна за 3,3 проценти во споредба со претходниот квартал, беше главен генератор на растот. Покрај тоа, јавната и приватната потрошувачка се зголемија за 1,1 процент.
Зголемувањето на платите ги ослободи граѓаните да трошат, а силен импулс дадоа државните инвестиции во одбраната и вооружувањето.
Од друга страна, инвестициите во опрема како што се машини, уреди и возила се намалија за 1,1 процент, а градежништвото претрпе уште поостар пад од 2,5 проценти.
Статистичарите ги припишуваат проблемите во градежниот сектор на невообичаено студеното време во јануари, неповолно за работа.
Сепак, војната во Иран избувна дури на почетокот на последниот месец од првиот квартал, на 28 февруари, и ги замагли изгледите за остатокот од годината.
Министерството за економија и Бундесбанката очекуваат сериозен удар врз економијата во тековниот, втор квартал.
„Растечките цени, проблемите со синџирот на снабдување и неизвесноста влијаат врз расположението на бизнисите и домаќинствата“, се вели во неодамнешниот извештај на министерството.
Министерството процени дека последиците од зголемувањето на цената на енергијата и суровините, како и проблемите во трговијата, ќе се почувствуваат долго по завршувањето на војната.
Бундесбанката прогнозира дека ефектите од војната ќе бидат целосно и широко почувствувани во вториот квартал и дека економијата ќе забави до стагнација.
Во четврток, Европската комисија ја преполови прогнозата за економскиот раст на Германија за оваа година на 0,6 проценти, токму поради цените на енергијата. Засега, владата во Берлин сè уште смета на раст од 0,5 проценти.
Германската економија ја заврши минатата година со минимален раст од само 0,2 проценти и едвај избегна рецесија трета година по ред.
Фото Економија и бизнис








