Две лица загинаа во силна бура што погоди неколку департмани во Франција, објави денес извор близок до властите, додека бура во Германија однесе еден живот и повреди неколку лица. Силата на ненадејната промена на времето се докажува со фактот дека торнадото преврте камиони на автопатот во департманот Лоара, но исто така искорна дрвја и оштети покриви.
Една жена загина кога дрво падна врз неа, додека еден маж беше пронајден мртов во работилница што изгоре по удар од гром во градот Доломи во департманот Изер, објави „Фигаро“.
Поради бурите и ризикот од голем град, 30 департмани во централна и источна Франција беа ставени под портокалова тревога.
Околу 53.000 домаќинства во Франција останаа без електрична енергија откако силна бура проследена со обилни дождови, силни ветрови и интензивни грмотевици погоди неколку делови од земјата во текот на ноќта, изјави компанијата за дистрибуција на електрична енергија „Енедис“ за BFM TV.
Едно лице загина, а неколку други се повредени во силна бура што погоди делови од југозападна Германија, каде што бурните ветрови, обилни дождови и грмотевици предизвикаа поплави, соборени дрвја и материјална штета, соопштија локалните власти.
Во градот Карлсруе, во германската сојузна покраина Баден-Виртемберг, 60-годишен велосипедист загина кога врз него падна дрво, соопшти локалната полиција, објави денес „Шпигел“.
Германската метеоролошка служба (DWD) предупреди дека денес се очекува нова бура во северозападните и западните делови на земјата, со обилни врнежи од дожд, град и силни налети на ветер.
Фото Економија и бизнис








