Во пресрет на сезоната на пожари Грција располага со над 17.000 пожарникари, 100 дронови и над 80 воздушни средства

Со 17.727 пожарникари, што дополнително ќе се зголемат за уште 1000 лица, со 4.299 возила, 100 дронови и 80-85 воздушни средства, Грција оваа година е подготвена за сезоната на пожари, како што било информирано на денешниот состанок што го одржа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите од кабинетот на грчкиот премиер, на состанокот, министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Евангелос Турнас информирал за оперативниот план, човечките ресурси и дополнителната техничка опрема со употреба на иновативни технологии.

– Годинава со почетокот на сезоната противпожарната служба брои 17.727 постојани и сезонски пожарникари, а до крајот на сезоната бројката ќе достигне до 18.804. Значително засилување има и кај возниот парк, што сега достигнуваат до 4.299 возила, информираа од кабинетот на Мицотакис. 

Додадоа дека во однос на специјалните единици т.н. шумските командоси формирани во 2022 година, сега се 21 единица со 1.450 членови, а на состанокот бил презентиран и планот за употреба на дронови во областа Атика, поширокиот регион на Атина, како и во други делови на земјата со цел брзо откривање и навремена прва интервенција при појава на пожари.

– За дроновите беше подвлечено дека годинава нивните бази се над 100, плус три мобилни центри за управување со дронови, кои можат да летаат и во екстремни временски услови и се опремени со термални камери. Националните воздушни средства остануваат 33, додека изнајмените воздушни средства се зголемуваат за уште две и достигнуваат 51, со што вкупниот број на расположливи средства ќе биде меѓу 80 и 85 воздушни средства на дневна база во зависност од расположливоста, информираа од кабинетот на Мицотакис.

Сезоната на пожари во Грција, секоја година е од 1 мај до 31 октомври.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано