Економската соработка на земјите од регионот е повеќе од потребна заради заеднички пристап и посилна конкуренција на глобалниот пазар, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во обраќањето на 23. Виенски економски форум.
Во објава на „Фејсбук“, Николоски посочува дека предизвик за земјите од регионот е како заеднички да настапуваат на европскиот пазар, да се натпреваруваат со конкуренцијата и да постигнат повисоко ниво на развој.
– Економската соработка на регионот е повеќе од потребна заради заеднички пристап и посилна конкуренција на глобалниот пазар. Предизвикот за земјите од нашиот регион е како заеднички да настапуваме на европскиот пазар, како да се натпреваруваме со конкуренцијата и како да постигнеме повисоко ниво на развој, наведува Николоски.
На форумот информирал за развојните проекти што се реализираат во Македонија
– Зборував за развојните проекти што ги реализираме во Македонија на коридорите 8 и 10, во висина меѓу 5 и 6 милијарди евра. Активно ја градиме пругата на источниот дел од коридор 8, а во напредна фаза сме за почеток на градба на брзата железница на коридор 10, вели виецепремиерот.
Во делот на патната инфраструктура, тој посочил дека се работи на доизградба и модернизација на патниот коридор 8, на ниво на автопати и експресни патишта.
– Наша цел е Македонија да стане вистинска крстосница на Балканот, каде ќе се спојуваат бизнисот и економијата и ќе придонесеме за зајакнување на безбедноста, вели Николоски.
Тој оценува дека Виенскиот економски форум е можност за промоција на развојните политики на земјава, воспоставување нови контакти и привлекување потенцијални инвеститори.
– Виенскиот економски форум е одлична можност за промоција на нашите развојни политики, можност за нови контакти и потенцијални инвеститори. На Македонија ѝ требаат меѓународни пријатели, а токму преку овие форуми креираме нови форми на институционална соработка со нашите европски партнери, наведува Николоски.
Извор/фото МИА








