ВО МАЈ СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ СЕ ВОЗИ НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД, најави Коце Трајановски 

Рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид во мај следната година ќе се запази,  во втората половина на август треба да почне изградбата на автопатот Скопје-Блаце, а во септември на делницата Кичево – Букојчани, најавува директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски. 

– На автопатот Кичево-Охрид, од 2024 година откако дојде новата Влада македонската јавност и сите кои патуваат видоа дека има голем напредок. Од 57 километри,  37-38 километри се пуштени, а за останатите делови интензивно се работи. Очекуваме на крајот на октомври да го пуштиме делот од Извор да се качиме на автопатот и преку тунелот до Врбјани (од Врбјани до Ботун веќе е автопатско решение) а следната година во мај очекуваме да биде запазен рокот. Има динамика за тоа со третиот кредит што го зеде ЈПДП. Има добар динамички план. Веќе се гледаат работите при крајот, се гледаат работите што не беа предвидени  како нови технички решенија за галериите. И денеска сите инволвирани – изведувачи, проектанти, надзор, имавме состанок кај вицепремиерот, така што тој рок останува – рече Трајановски во гостување во Тема на денот на ТВ Сител.

За изградбата на Кичево-Охрид досега се земени три заеми и како што рече, вкупно ќе чини околу 800 милиони евра.  

Според Трајановски, со добра динамика се одвива изградбата на автопатските делници што ги гради „Бехтел и Енка“ Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар Букојчани.  Многу важен проект, посочи, е делот од Кичево до Букојчани за каде во тек е избор на изведувач и очекуваме во септември да почне да се гради.  

– За изградбата на автопатот Скопје-Блаце веќе е избран изведувач – конзорциум предводен од „Гранит“ со кој месецов ќе потпишеме договор. Во меѓувреме „Гранит“ се мобилизира на терен и очекуваме во втората половина  на август да почне изградбата на патот кој долго се најавуваше и е од големо значаење за Македонија и Косово. Ќе го воведеме во работа изведувачот во текот на август, а во тек е избор на надзорот од страна на ЕБРД и ЈПДП. По воведувањето во работа ќе ги почнат теренските активности, испитувањата на теренот,  расчистувањето на трасата – рече Трајановски. 

Цената на чинење по километар од 20 милиони евра, појасни, е поради тоа што се наоѓа во планинскиот предел на Скопска црна гора, ќе се градат пет тунели, девет мостови, многу косини, потпорни ѕидови, потпатници…   

Директорот на ЈПДП соопшти дека за потегот од Романовце до Страцин се работи на тендерска документација за експресен пат и пти се очекува следната година да биде објавен тендерот за физибилити студија по што треба да се обезбедат средства за изградбата, пренесува МИА.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано