ВО ФУНКЦИЈА НА ЕКОНОМСКИ И НА ОПШТЕСТВЕН ПРИДОНЕС – ФАЗИ ОД МОИТЕ РАЗЛИЧНИ ПАТУВАЊА (ВТОР ДЕЛ)

Хотел „Турист“, Старо Петрово Село, Хрватска, на автопатот Белград – Загреб

Хотел „Турист“, Старо Петрово Село, Хрватска,
на автопатот Белград – Загреб

пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Патувајќи по светот во многу земји, на различни континенти, во функција на развој на бизнисот, научив многу работи, правила, вредности. Запознав многу луѓе, се судрив со различни карактери и традиции при воспоставување на деловни односи. И сето тоа остави трага на мојот професионален однос спрема луѓето. Во кратки црти ќе ги издвојам моите „правила“ кои сум ги научил при патувањата:

1.На човек сè може да му се одземе, освен доживувањата од патувањата.

2. Секогаш кога одам приватно, патувам и се сместувам рационално. Кога сум на службено патување водам сметка за репутацијата на институцијата што ја претставувам. Тоа е составен дел на имиџот и корпоративното обележје на субјектите и не можеш со тоа да си играш. На таков начин се превезував со сите можни превозни средства, од фиќо до мајбах, од лирџет до боинг 747 400, од обичен глисер до крузери. Ми остана неостварена цел да одам со конкордот на ручек во Њујорк и да се вратам во истиот ден, после приземјувањето на тие чуда од техника. Ако се вратам назад, сите пари ќе ги дадам за патувања затоа што на нив научив повеќе отколку на универзитетите, на едукациите и во секојдневниот живот.

3. Она што ме научија родителите, јас го пренесов на моите деца.

4. Во последниов период, при патувањата, практикувам попатно да посетам и некои помали градови кои имаат своја убавина, а не се главни градови. Тие се обично лоцирани настрана од центрите, но со добра сообраќајна инфраструтура и секогаш се лесно достапни. Такви се Бриж, Фиренца, Лајпциг, Дрезден, Ставангер, Потсдам и многу други…

5. Ако сакаш да процениш некој човек, земи го со себе на пат.

6. Воведов иницијатива во Хотелот „Александар Палас“ да се формира Клуб на луѓе кои ќе докажат дека имаат престојувано во над 50 земји. Се излажав, тоа е тешка работа затоа што најголем дел од луѓето патуваат многу, но во исти земји. Затоа оваа иницијатива останува и понатаму кога ќе се создадат услови за тоа, а ќе биде во функција на нашиот развој.

7. Мојот татко патуваше само дење, не се случи никогаш да го продолжиме патувањето ако падне ноќ. Се преспиваше таму каде што ќе нè затекнеше.

8. Познат сум по тоа што ако се наоѓам во град што е оддалечен 300 км (автопатско решение) од море, вечерта задолжително ја поминувам покрај море затоа што морето е поврзано со мојата потреба за ширина и за слобода точно онака како што еден војник Црногорец рекол: „Кога ќе излезам од куќата во Котор, го ставам прстот во морето, чувстувам дека имам врска со целиот свет…“


Економија и бизнис. 15 април 2026г

Повеќе од истиот автор

Најчитано