Владата продолжува со мерки за поддршка на домашните компании

Актуелната економска состојба, предизвиците со кои се соочува бизнис-секторот и мерките за поддршка на домашните компании беа темите на денешната средба на министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески со претставници на трите најголеми бизнис-комори во државата и Организацијата на работодавачите на Македонија. 

На средбата присуствуваа Горан Ѓорѓиевски – претседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Нухиу Алиу – претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, Антони Пешев – извршен директор на Стопанската комора на Македонија, Владанка Трајкоска – претседател на Организацијата на работодавачите на Македонија и Ангел Димитров – претседател на Собранието на Организацијата на работодавачите на Македонија.

Како што информира Министерството за економија и труд, во фокусот на разговорите беа економската состојба во државата, глобалните економски ефекти и енергетската криза предизвикани од воениот конфликт на Блискиот Исток, како и владините мерки за поддршка на домашните компании и зачувување на нивната ликвидност и конкурентност.

Министерот Дурмиши и заменик-министерот Ристески ги информираа претставниците на коморите за тековните активности на Министерството за економија и труд насочени кон подобрување на бизнис-климата и обезбедување конкретна поддршка за компаниите.

– Владата и Министерството за економија и труд континуирано работат на креирање мерки и политики за поддршка на домашните компании, за нивен побрз раст и развој, како и за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Во моментот активни се повеќе јавни повици и програми, кои се директно наменети за поддршка на стопанството. Со измените во Законот за финансиската поддршка на инвестициите го продолживме рокот за аплицирање до 15 јуни, а до 30 јуни е активен и јавниот повик за поддршка на микро, малите и средните претпријатија и занаетчиите преку субвенции за набавка на нови машини. Набргу ќе биде донесен и оперативниот план за вработување, кој содржи значајни мерки за поддршка на компаниите и отворање нови работни места – беше истакнато на средбата.

На средбата е упатен апел до коморите и нивните членки активно да ги следат јавните повици и огласи што ги објавуваат Владата и министерствата и во согласност со своите потреби и можности да аплицираат за достапната институционална поддршка.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано