Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања за системот ЕЕС (за влез и излез во ЕУ) изјави дека се водат преговори на билатерално ниво и се надева оти ќе бидат надминати овие пречки, и како Влада бараат генерално решение.
– Има политичари од соседството кои сакаат политиката да ја направат естрада, јас немам таква намера, јас сакам да зборувам за работи што ќе се случат. Инаку да, се водат преговори и врз основа на тие преговори ценам дека на основа на билатерално ниво ќе бидат надминати овие пречки, но не само за летниот период, зборувам генерално, ние бараме генерално решение, иако вчера имаше одредени кругови кои се обидоа да ме исмејат за тоа што го кажав, јас уште поцврсто стојам на ставот дека Македонија е преубава земја и дека има прекрасни езера, планини, села, што ќе можат да се посетат за време на летниот одмор. А има таков тип на луѓе кои повторно ќе ме исмејат, но јас повторно уште поцврсто стојам на својот став, нагласи Мицкоски.
Вчера и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кажа дека земјите од регионот, заедно со ЕУ и нејзините земји членки, интензивно комуницираат и работат на надминување на предизвиците со метежот на граничните премини, кој е поизразен во периоди на зголемена фреквенција, особено во лето. Муцунски потврди дека се водат дискусии со повеќе земји и во рамките на разни шеми на Европската Унија, кои ги опфаќаат земјите од Западен Балкан, при што се очекува во летниот период да бидат преземени соодветни мерки за намалување на метежот.
извор МИА
фото: Влада








