ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје го прошири својот Одбор на директори со назначувањето на Ивана Ташковска за Извршен директор. Дополнително, Марио Ѓорѓиев, CFA е назначен за неизвршен член на Одборот на директори на Друштвото.
Овие назначувања претставуваат продолжување на стратегијата на ВФП за развој на сопствени кадри, континуитет во управувањето и градење стабилен професионален тим со длабоко познавање на инвестициските процеси, регулативата, пазарот на капитал и потребите на инвеститорите.
Ивана Ташковска е дел од ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје од 2020 година, кога ја започнува својата професионална кариера како финансиски аналитичар. Низ годините, таа има значаен придонес во секојдневното функционирање на Друштвото, вклучувајќи учество во процесите на вреднување на фондови, управување со ликвидност, подготовка на инвестициски анализи и извештаи, како и следење на перформансите и усогласеноста со регулативата.
Во изминатиот период, како Раководител на организациската единица за тргување – front office, Ивана беше активно вклучена во управување со портфолија, анализа на пазари, стратешка алокација и развој на млади кадри во рамки на Друштвото. Покрај инвестициските активности, таа има важна улога и во оперативното унапредување на работењето, комуникацијата со клиенти и партнери, како и во водење активности поврзани со автоматизација на процесите и развој на софтверски решенија за поефикасно и поквалитетно управување со деловните процеси.
Марио Ѓорѓиев, CFA е дел од ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје од 2017 година и има поминато повеќе клучни професионални функции во рамки на Друштвото — од финансиски аналитичар, до повеќе различни раководни функции во рамки на Друштвото. Во својата досегашна работа учествувал во креирање и унапредување на инвестициски процеси, организација на инвестициски одбори, развој на услугата за индивидуално управување со портфолија, како и во едукација на продажните тимови за пазарите на капитал и инвестициските производи.
Од 2022 година тој ја извршува функцијата Претседател на Управниот одбор на ВФП Пензиско друштво АД Скопје, а дополнително е и член на Одборот на директори на BlueSmart Investments AD, друштво за управување со инвестициски фондови во Бугарија, дел од ВФП Групацијата.
Професионалниот развој на Ивана Ташковска и Марио Ѓорѓиев е резултат на долгогодишна работа во рамки на ВФП Групацијата, како и на континуирана размена на знаење, искуство и професионални стандарди со тимовите на Групацијата, вклучувајќи ја и соработката со ВФП во Грац, Австрија. Овој пристап овозможува локалното познавање на пазарот да се комбинира со групациско know-how, меѓународно искуство и долгорочна инвестициска перспектива.
Со овие назначувања, ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје ја потврдува својата определба за градење лидерство од внатре — преку препознавање и поддршка на професионалци кои растеле заедно со компанијата и активно придонесувале во нејзиниот развој.
ВФП Групацијата, основана во 1985 година во Грац, Австрија, повеќе од четири децении развива финансиски услуги во Централна и Југоисточна Европа. Во Македонија, ВФП продолжува да ја гради својата позиција преку професионален пристап, посветеност кон клиентите и долгорочен развој на финансиските услуги, вклучувајќи инвестициски фондови, управување со средства, осигурително посредување и пензиско осигурување.
Со проширувањето на Одборот на директори, ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје останува посветен на унапредување на квалитетот на услугите за инвеститорите, развој на тимот и создавање можности за професионален раст во рамки на Друштвото.








