Успешно одржан првиот „Global Trade & Growth Forum 2026“: Македонската економија има локален потенцијал за моќно глобално влијание

Повеќе од 200 домашни и странски деловни лидери, извозници, инвеститори и високи државни и дипломатски претставници вчера во Скопје отворија суштински дијалог за иднината на македонската економија и нејзината цврста интеграција во глобалните синџири на снабдување.

Со ова успешно се заокружи првото издание на „Global Trade & Growth Forum 2026“, организирано од Швајцарско-македонската стопанска комора (SwissCham North Macedonia) во стратешко партнерство со глобалниот логистички лидер Mediterranean Shipping Company (MSC). Форумот беше реализиран со поддршка на Швајцарија, преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), како и програмите IME, SIPPO и SwissEP.

Под мотото „Локална сила. Глобално влијание.“, форумот беше свечено отворен со пораки за важноста на меѓународните партнерства и човечкиот потенцијал.

Генералната директорка на MSC Северна Македонија и потпретседателка на SwissCham North Macedonia, Сања Радовановиќ, во своето воведно обраќање ја истакна важноста македонските компании да имаат храброст да настапуваат на странските пазари.

„Ова мото ја отсликува и нашата амбиција, потенцијалот што го имаме дома да го претвориме во успех на глобално ниво. Македонија е мала земја, но со значаен потенцијал. Имаме квалитетна понуда, претприемачки дух и стратешка положба на важни европски транспортни коридори. Длабоко верувам дека нашиот најголем потенцијал се луѓето, нивните идеи и храброста да создаваат вредност надвор од нашите граници. Да не чекаме светот да ги открие нашите можности, туку да бидеме тие што ќе му ги покажат,“ истакна Радовановиќ.

Претседателката на SwissCham North Macedonia, Соња Стефановска, потенцираше дека поврзувањето на македонскиот бизнис-сектор со швајцарските искуства е клучно за градење отпорна економија.

„Северна Македонија има талентирани луѓе, амбициозни компании и значителен потенцијал. Швајцарија претставува инспиративен пример за тоа како една релативно мала земја може да изгради глобална конкурентност преку иновации, сигурност, силни институции и посветеност на квалитетот. Искрено се надевам дека овие дискусии ќе инспирираат нови идеи, посилни партнерства и конкретни чекори кон поповрзана и поконкурентна економија,“ изјави Стефановска.

Форумот доби особена дипломатска тежина со обраќањето на амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Сомер, кому Комората му врачи специјална плакета во знак на благодарност за континуираната доверба и соработка.

„За земји како нашите, трговијата не е едноставно само еден сектор меѓу многуте, таа е суштински двигател на растот. Во денешниот свет, конкурентноста сè повеќе зависи од конекциите. Швајцарија останува посветена на продлабочување на економското партнерство со Северна Македонија. Со додадената вредност што можеме да ја понудиме, ќе продолжиме да поддржуваме иницијативи кои ја зајакнуваат конкурентноста, поттикнуваат иновации и ги прошируваат пазарните можности,“ порача амбасадорот Сомер.

Стратешки дијалози, експертиза и иновации во фокусот на програмата

Работната програма понуди длабинска анализа на предизвиците и можностите за извозно ориентираните компании. Во својата главна презентација, Фабрицио Фаринели, директор за регионални агенции на MSC во Женева, ја истакна поврзаноста на Северна Македонија со светот. Неговиот настап беше проследен со видео што ја претстави филозофијата на MSC, нејзините семејни вредности и посветеноста на луѓето како основа на работењето на компанијата.

Дека физичката поврзаност е основа за меѓународниот успех, се потврди и за време на директниот дијалог насловен „Инфраструктура за раст“, во кој учествуваше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Осврнувајќи се на конкурентноста и административните предизвици со кои се соочуваат македонските превозници, министерот ја поздрави проактивноста на Швајцарија во решавањето на проблемот со визите.

„Швајцарија тука беше прва, за што се заблагодарувам. Почна да издава вакви работни визи за возачите и се надевам дека тоа ќе биде пример што ќе го следат и другите земји членки на шенген зоната,“ истакна Николоски, додавајќи дека токму ваквите конкретни чекори се неопходни за олеснување на извозот и за создавање услови за поефикасна меѓународна деловна соработка.

Оваа тема природно се надоврза на централниот панел „Стратешки трговски коридори и иднината на логистиката“. Истакнатите бизнис лидери Стевица Чарапиќ, регионален директор за Србија, Црна Гора и Северна Македонија на MSC Mediterranean Shipping Company, Марија Дуковска Павловска, генерална директорка и извршен член на Одборот на директори на Макстил, Билјана Дескоска, директорка за Северна Македонија на Alliance One Macedonia и Мишо Веселински, претседател на Одборот на директори на Fimar Balkan AD, разменија ставови за зелената транзиција, брзината на транспортот и позиционирањето на македонските производи на светските пазари.

Предизвиците во еден од најчувствителните сектори, прехранбената индустрија, ги адресираше швајцарскиот експерт Јонас Шпан, генерален директор на Global Food Affairs. Тој преку конкретни примери објасни како локалните производители можат да ги исполнат ригорозните барања за пласман на европскиот пазар.

Вториот дел од денот беше посветен на извозната експанзија преку стратешкиот панел насловен „Извозна конкурентност: Од локално кон глобално“, модериран од Горан Дамовски, тим лидер на програмата IME во Северна Македонија. На панелот, Кристоф Гатер, британски претприемач и ко-основач на Quendoo, Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија и Љупчо Велески, директор за меѓународна продажба на Витаминка, ги споделија своите практични искуства за чекорите потребни за трансформација на домашните бизниси во силни меѓународни играчи.

Програмата продолжи со ексклузивна презентација овозможена од PWorld, на која настапи Ларс Силбербауер, глобален експерт за дигитална трансформација со професионално искуство во компании и организации како LEGO, Olympics и Paramount. Тој се осврна на начините на кои брендовите можат да ја градат и зајакнуваат својата конкурентност во современата дигитална средина.

Форумот заврши со деловно вмрежување овозможено од Тиквеш, кое им овозможи на учесниците да воспостават нови контакти и да отворат можности за идни соработки. Реализацијата на настанот беше поддржана и од корпоративните партнери Rontis, Ладна, Delight, PWorld и MySpa, како и од медиумските партнери, кои придонесоа информациите за форумот да стигнат до пошироката јавност.

Со првото издание на „Global Trade & Growth Forum“, Скопје доби нова платформа за поврзување на домашниот бизнис со меѓународните пазари и за размена на искуства, идеи и можности за раст на македонската економија.

Повеќе од истиот автор

Најчитано