Македонија има поволни фактори за развој на туризмот кој претставува економски сектор со силен потенцијал да влијае врз севкупниот економски развој на државата особено што поврзува 15-тина други сектори, создава нови работни места, привлекува инвестиции, го подобрува меѓународниот рејтинг на државата итн.
Македонскиот туризам може да се потпре на исклучително богатите ресурси кои можат да обезбедат конкурентна позиција на европскиот и светскиот туристички пазар. Сепак, потенцијалот сам по себе не е доволен. Потребна е јасна визија, координирана политика и долгорочна стратешка рамка која ќе обезбеди одржлив и рамномерен развој на туристичкиот сектор.
Подготовката на новата Стратегија за развој на туризмот на Република Северна Македонија 2027-2032 година со Акциски план 2027-2029 година е веќе во напредна фаза.
Овој процес доаѓа во период на значајни промени во националниот, но и во глобалниот туристички простор. Туризмот денес повеќе не се оценува исклучиво преку бројот на туристички пристигнувања и ноќевања како што беше нотирано во Документот на Светска банка изготвен за Владата од март 2026 година. Современите туристички политики сè повеќе се фокусираат на одржливоста, отпорноста, дигиталната трансформација, инклузивноста и создавањето долгорочна вредност за локалните заедници.
Во таа насока, новата стратегија треба да ја постави Северна Македонија во согласност со современите европски трендови и политики, особено со принципите на Европската агенда за туризам до 2030 година и целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Претстојната стратегија која веќе е во процес во напредна фаза, опфаќа обемно истражување за состојбите во секторот од каде преку детални анализи ќе добиеме одговори и насоки за одржливи политики кои треба да станат дел од програмата на Владата со цел рационално искористување на ресурсниот потенцијал, но и постигнување конкурентост и ефективен меѓународен маркетинг за поповолно позиционирање на дестинацијата на меѓународниот пазар на туризмот.
Тоа значи дека ова истражување ќе даде насока, патоказ за тоа кои видови туризам, во каков обем треба да се развиваат и со каква територијална дисперзија можат да бидат распределени по регионите, односно како да бидат постигнати максимални ефекти од туризмот на рационален, одговорен, одржлив и социјално прифатлив начин. Предвидени се и анализи од кои се очекуваат правците на делување за да се обезбеди подолг просечен престој на туристите, но и популаризирање на дестинацијата на домашниот пазар.
Со ова истражување е предвиден и опфат на специфичните видови туризам и потенцијалот за зголемен удел од алтернативни форми кои се многу значајни за постигнување рамномерен регионален развој како и решенија преку унапредувања на регулативата за да се овозможи побрз развој на туризмот.
Овој процес за разлика од претходно, од самиот почеток ги вклучува сите домашни засегнати страни (експерти, академска заедница, бизнис сектор, локалните самоуправи, туристичките работници и др.). Документот претставува значаен чекор кон создавање современ, одржлив и конкурентен туристички сектор.
Здружението за угостителство и туризам при Комората во континуитет дава придонес за согледување на актуелните состојби и иницира активности во насока на позиционирање на секторот како важнен економски сектор. Важно е да се одбележи дека во работата на стратешкиот документ се вклучени и претставници на Здружението што треба конечно да даде експлицитни смерници за развој на туризмот. Понатаму, од големо значење е поддршката од меѓународните донатори во државата (швајцарските програми СИППО и ИМЕ – Increasing Market Employability), се работи и на унапредување на дестинацијата согласно новите европски трендови за одржливост и развојната динамика на туризмот во регионалнот. Овој концепт ќе обезбеди зголемена свест за одржлив туризам кај учесниците како и насоки за подготовка на туристичкиот сектор во Македонија кон ЕУ регулативите за одржливост и сертификација.
Концептот на одржлив туризам веќе е профилиран во Вевчани и Крушево, а идејата е со меѓународна експертска помош и искуството пред се на Словенија, како земја со многу слична конфигурација за туризам на Македонија. Претстои да се дефинираат уште пет пилот општини каде ќе се развива концептот на одржлив туризам на локално ниво.
Економија и бизнис, 01 септември 2026








