Групација Триглав ја потврдува својата годишна прогноза за деловниот резултат, врз основа на работењето во првите девет месеци од 2026 година. За 2027 година, Триглав планира натамошен профитабилен раст во согласност со своите стратешки амбиции.
Вкупниот деловен обем порасна за 2 проценти во однос на првите девет месеци од минатата година, на 1.803,2 милиони евра. Деловниот резултат пред оданочување се зголеми за 2 проценти, на 146,3 милиони евра, додека нето деловниот резултат со вредност од 119,1 милиони евра, остана на нивото од минатата година.
Комбинираниот количник достигна поволна вредност од 94,6 проценти (минатата година 91,3 проценти), а профитабилноста од нови склучени договори во животното осигурување изнесуваше 13,2 проценти (минатата година 12,9 проценти). Годишниот поврат на капиталот изнесуваше 14,9 проценти (минатата година 15,8 проценти). Адекватноста на капиталот беше во целниот опсег од 200 до 250 проценти.
Земајќи ги предвид очекуваните околности до крајот на годината, Триглав ја потврдува својата проценка дека во 2026 година ќе го оствари планираниот годишен деловен резултат пред оданочување меѓу 170 и 190 милиони евра. Триглав во 2027 година планира деловен резултат пред оданочување меѓу 200 и 220 милиони евра (нето деловен резултат меѓу 155 и 175 милиони евра), вкупен деловен обем од околу 2,4 милијарди евра и комбиниран количник под 95 проценти.








