Трета година по ред вработените на Триглав Осигурување пошумуваат опожарени подрачја

Вработените на Триглав Осигурување и оваа година се вклучија во волонтерска акција за пошумување, во која засадија 4.000 садници црн бор на опожарените подрачја во регионот на Радовиш. Ова е трета година по ред како вработените на компанијата учествуваат во ваква акција, а досега заедно засадија вкупно 11.000 дрвца.

Акцијата се одржа на 17 ноември, во соработка со извидниците од проектот „Боренка“ и претставници на ЈП „Национални шуми“, како дел од заедничките напори за обнова на шумските површини погодени од пожари.

Александар Мирчески од Сојузот на извидници на Македонија истакна: „Особено ни е драго што оваа сезона ја започнавме токму со волонтерите од Триглав, наши долгогодишни пријатели и партнери, кои со голема енергија и посветеност засадија нови дрвја на опожарените површини. Ваквите партнерства покажуваат дека кога компаниите, институциите, младите и граѓаните ќе се обединат околу заедничка цел, можеме конкретно да придонесеме за обновување на опожарените подрачја.“

За Триглав Осигурување, учеството во ваквите акции е дел од континуираната грижа за животната средина и заедницата. Покрај обновувањето на опожарените површини, целта е да се поттикне поголема свест за заштитата на шумите, превенцијата од пожари и одговорниот однос кон природата.

„Пожарите можат за кратко време да уништат нешто што природата го создавала со децении. Обновувањето, пак, бара време, истрајност и луѓе подготвени да преземат одговорност. Затоа за нас ова не е еднократна акција, туку определба на која ѝ се враќаме од година во година. Посебна вредност има тоа што нашите вработени самите избираат да се вклучат, да го вложат своето време и лично да придонесат. Кога вработените, институциите, партнерите и граѓаните ќе се обединат околу иста цел, можеме да постигнеме многу повеќе. Веруваме дека токму така се создава промена што трае“, изјави Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, Ѓорѓе Војновиќ.

Триглав Осигурување ќе продолжи да поддржува иницијативи што придонесуваат за заштита на природата и ги поврзуваат вработените, партнерите и заедницата околу конкретни активности со долгорочен ефект.

Повеќе од истиот автор

Најчитано