Речиси е невозможно да се најде место во Западна Европа кое моментално не доживува топлотен бран. Температурите во Велика Британија достигнаа 35°C во вторник, повеќе од 2°C над претходниот рекорд за мај. Британската метеоролошка служба соопшти дека таквата топлина би била исклучителна дури и во средината на летото, а камоли на пролет.
Франција е исто така во средината на невиден топлотен бран за ова време од годината, а нејзината метеоролошка служба Метео-Франс известува за стотици температурни рекорди срушени низ целата земја.
Ирска го сруши својот мајски рекорд за повеќе од 1°C, додека Германија, Италија, Шпанија и Швајцарија исто така доживеаа невообичаено топли пролетни услови, објавува Би-Би-Си.
„Апсолутно неверојатно“, рече Фридерике Ото, професорка по климатски науки на Империјал колеџ во Лондон. „Апсолутно е лудо“, додава Питер Торн, директор на Центарот за климатски истражувања „Икарус“ на Универзитетот Мејнут во Ирска.
Непосредна причина за топлотниот бран е таканаречената топлотна купола, феномен во кој област со висок притисок се заглавува над Европа, заробувајќи го топлиот воздух под неа. Но, научниците не се сомневаат дека климатските промени предизвикани од човекот – првенствено согорувањето на јаглен, нафта и гас – дополнително го интензивирале овој топлотен бран.
Според податоците од климатската служба Коперникус, Европа се затоплува со брзина од 0,56°C по деценија во текот на изминатите 30 години, повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек. Тоа можеби не звучи како многу, но во климатски поглед претставува огромна промена, доволна за да ја направи екстремната топлина значително поинтензивна.
Хрватска се очекува да доживее уште еден многу топол ден во среда со температури што достигнуваат 33 степени, но попладне ризикот од локални врнежи од дожд, грмотевици и можни бури се зголемува на копно, предупредува DHMZ.
Срушени нови мајски рекорди за температура
Вторникот донесе невообичаено високи температури за крајот на мај, а нови рекорди беа регистрирани на неколку станици.
Во Омишаљ на Крк е измерено следново: 32,1 °C — највисока мајска температура откако се започнати мерењата. Во Раб е измерена температура од 33,0 °C
Метеоролозите истакнуваат дека бран од вакви температури што трае неколку дена во мај не е честа појава, пренесуваат медиумите во регионот.
Фото Економија и бизнис







