Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) ги предупреди земјите да се подготват за повеќе случаи на хантавирус, бидејќи здравствените власти во Париз потврдија дека Французинка заразена со вирусот на крузерот MV Hondius е ставена на респиратор. Пациентката, која е на интензивна нега, развила најтешка форма на болеста.
Здравствените власти во Париз доцна во вторникот објавија дека Французинка е префрлена на интензивна нега со „најтешка форма на кардиопулмонална клиничка слика“.
Во меѓувреме, шпанското Министерство за здравство соопшти дека еден од 14-те Шпанци евакуирани од бродот бил позитивен на хантавирус и покажувал симптоми.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на прес-конференција во Мадрид изјави дека досега нема знаци на голема епидемија, но дека ситуацијата може да се промени.
„Со оглед на долгиот период на инкубација на вирусот, можно е да видиме повеќе случаи во наредните недели“, рече тој.
Тедрос објасни дека се очекуваат нови случаи поради контакти меѓу патниците пред да се подигне тревогата на 2 мај откако беше потврдена првата инфекција.
„Очекуваме нови случаи бидејќи, запомнете, пациентот нулта беше регистриран на 6 април и имаше многу контакти меѓу патниците. Периодот на инкубација е од шест до осум недели“, рече тој.
„Значи, поради таа интеракција на бродот, особено пред да се воведат мерките за спречување на инфекцијата, очекуваме повеќе случаи поради она што се случуваше за време на патувањето“, пренесува Индекс.хр.
Фото Економија и бизнис








