Светската банка очекува глобалната економија годинава да го забележи најслабиот раст од почетокот на Ковид пандемијата, поради последиците од војната со Иран.
Во извештајот објавен денеска, институцијата ја намали прогнозата за светскиот економски раст во 2026 година за 0,1 процентен поен, на 2,5 проценти. За споредба, глобалната економија минатата година порасна за 2,9 проценти.
Причините за ревизијата се високата инфлација и растот на цените на енергенсите, откако поморскиот сообраќај низ Ормуска Теснина речиси запре поради конфликтот.
Светската банка предупредува дека најтешките последици ги чувствуваат најсиромашните земји во светот.
Додека граѓаните во побогатите држави се соочуваат со повисоки цени на горивата, најсиромашните земји се погодени многу посериозно, наведува институцијата со седиште во Вашингтон.
Според проценките, до крајот на 2026 година една четвртина од земјите во развој ќе бидат посиромашни отколку во 2019 година. Кај земјите со ниски приходи, овој удел би можел да достигне една третина.
Проекциите покажуваат и дека околу половина од кревките држави и земјите погодени од конфликти ќе располагаат со помалку средства на крајот од годинава отколку пред избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.
Во меѓувреме, Светската банка најави мерки за ублажување на кризата. Набргу по нејзиниот почеток беа обезбедени меѓу 20 и 25 милијарди долари итна помош.
Развојната банка соопшти дека ќе стави на располагање дополнителни 50 до 60 милијарди долари за поддршка на владите во земјите во развој и на земјоделските компании.
Доколку кризата продолжи, банката е подготвена во период од 15 месеци речиси двојно да го зголеми овој износ.
извор/фото МИА








