Маја Ставрева-Стојанова, советник на УО, офицер за одржливост, Шпаркасе банка АД Скопје
Банкарскиот сектор, преку воведување на инструмент како што е ЕСГ-прашалникот, активно ја поддржува економската трансформација во земјава. Прашалникот ќе им овозможи на банките подобро да ги идентификуваат ризиците и можностите во своето кредитно портфолио и да го насочат финансирањето кон проекти што создаваат позитивно еколошко и општествено влијание.
Изграден врз релевантни извештајни стандарди и добри практики, но внимателно прилагоден на македонските услови, прашалникот содржи јасно структурирани прашања што се разбирливи и применливи за компании од сите големини. Тој им помага на компаниите да го свртат вниманието кон теми што се клучни за успешно работење, но често не добиваат доволно простор: енергетска ефикасност, емисии на стакленички гасови, работни услови, деловна етика, одговорно корпоративно управување. Со тоа, ЕСГ-прашалникот станува повеќе од инструмент за проценка. Тој е алатка што ги охрабрува компаниите да ги согледаат сопствените слабости, да препознаат потенцијали за раст и за иновации и да ја зајакнат својата долгорочна отпорност.








