СО ЕЛЕКТРОНСКАТА ЛИЧНА КАРТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИДЕНТИФИКУВАМЕ ПРИ КОНТРОЛА НА ПОЛИЦИЈАТА, достапни се три електронски услуги, и тоа електронска лична карта, електронска верзија на возачката дозвола

Мобилната апликација „М-услуги“ е активна и е достапна за сите корисници на „Андроид“ и на ИОС-уредите. Достапни се три електронски услуги, и тоа електронска лична карта, електронска верзија на возачката дозвола, што се преземаат од базите на Министерството за внатрешни работи, како и обрасците М1, М2 и М4. 

– Планот е да ги детектираме услугите на порталот uslugi.gov.mk, кои се најкористени и да ги префламе една по една на мобилната апликација. Во моментот ниедна апликација во Македонија нема можност за плаќање и на тоа работиме во периодот што следува. Се надевам дека ќе успееме. Штом успееме во тоа, ќе ги внесуваме апликациите што се со административна такса. Во моментот ќе внесуваме апликации што не бараат од вас да платите – изјави министерот за дигитална трнасформација Стефан Андоновски на денешната промоција на мобилната апликација.    

Зборувајќи за искуството од други држави, министерот рече дека и други државни апликации, како „Мое здравје“, „Мојот данок“, „Мој ДДВ“, „Локална самоуправа“ – се надградувале и оти очекува дека тоа ќе се случува и кај нас во периодот што следува. 

Сите институции што имаат објавено своја услуга на Националниот портал uslugi.gov.mk сметаме дека се подготвени да бидат и на „М.услуги“. – Тие и во моментот не забележуваат од каде им доаѓа барањето за конкретната услуга. Тоа го работиме ние. Оние услуги што немаат внатрешни системи со кои работиме ќе им треба повеќе време да стасаат – рече министерот.   

Доколку во апликацијата се појави грешка, граѓаните може да постават прашање на модулот во самата апликација или да се обратат до контакт-центарот на националниот портал uslugi.gov.mk. 

– Ниедна апликација не е совршена, не е ни оваа, на ниво е на сите мобилни апликации во државата и пошироко, оценета со одлични оценки и од аспект на кибербезбедност, но секако, доколку постои грешка, и во рамките на апликацијата постои модул за прашања, граѓаните може да се обратат до националниот портал uslugi.gov.mk во контакт-центарот за да им помогнат нашите вработени – рече Андоновски.

Во однос на начинот на воведување и законските основи, министерот посочи дека ќе има процес на адаптација и дека ова е фазно воведување, а во моментот дигиталниот паричник е уреден со Законот за електронските документи и електронската идентификација, во членот 20 г.

– Со измените таму се смета дека дигиталниот паричник служи за идентификација на граѓаните, што значи дека со податоците што ќе ги содржи граѓаните ќе може да се идентификуваат. Не се променети законите за личната карта и за безбедност во сообраќајот, но тие не мора да се менуваат. Поважно е да се менуваат правилниците, но има и група на други правилници и закони кои до ден-денеска бараат и фотокопија од личната карта. Тие ќе треба постапно да ги менуваме и тоа е процес што ќе трае во периодот што следува. Многу повеќе ќе биде предизвик техничкото прифаќање на дигиталниот паричник од институциите, најмногу поради нивните внатрешни системи – посочи Андоновски.

Секоја од овие институции, како и вработените, ќе треба да имаат систем и апликацијата кај себе за да може да скенираат дигитален паричник за да може да му ги препознае податоците.

На пример, појаснува Андоновски, доколку денеска нè запре сообраќајна полиција, не може да се идентификуваме со електронската лична карта бидејќи нема можност како да нè провери дали нашиот дигитален паричник е валиден.

– Во моментот кога МВР ќе биде подготвено за тоа, ќе известиме, ќе ги промениме и подзаконските акти во МВР, кои се однесуваат на личната карта и на возачката. На пример, во други држави први почнале да ги прифаќаат банките, влегување во локали, купување услуги од супермаркети – рече Андоновски по денешната промоција.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано