Кинескиот претседател, Шји Џјинпинг изјави дека за денешниот состанок со американскиот претседател Доналд Трамп го избрал комплексот Џонгнанхај во Пекинг како знак на благодарност за гостопримството што Трамп му го укажал за време на нивната средба во одморалиштето Мар-а-Лаго во 2017 година.
„Го избрав ова место специјално за да возвратам за гостопримството што ми беше укажано во 2017 година во Мар-а-Лаго“, рече Шји за време на билатералната средба со Трамп.
Состанокот се одржа во Џонгнанхај, комплекс штој претставува седиште на раководството на Комунистичката партија на Кина и Централната кинеска влада. Шји појасни дека таму „работат и живеат партиски и лидери од Централната влада на Кина“, вклучувајќи го и него лично.
„По основањето на Народна Република Кина во 1949 година, ние бевме овде, вклучувајќи ги кинеските лидери Мао Це Тунг, Џоу Енлај, Денг Сјаопинг, Џијанг Земин, Ху Џинтао и други“, рече кинескиот претседател.
Трамп и Шји за време на состанокот седеа во големи дрвени столици пред декоративни панели со борови и орхидеи, симболи на гостопримство и љубезност во традиционалната кинеска култура.
Двајцата лидери својот прв самит го одржаа во 2017 година во Мар-а-Лаго на Флорида, каде разговараа за билатералните односи и присуствуваа на свечена вечера.
Кинеското комунистичко раководство по 1949 година одлучи да не го користи Забранетиот град како седиште на власта, сметајќи го за симбол на царскиот автократизам.








