СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ПОЛИЦИЈАТА ЌЕ ГО РЕШАВА СО БРЗА ПОСТАПКА, во граѓанска постапка се отвора можност и за примена на електронски алки  за насилниците

Со предложените измени на законите, полициските службеници ќе добијат значајни итни овластувања за справување со семејното насилство овозможувајќи им директна и брза заштита на жртвите во критични ситуации.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на брифинг со медиумите, рече дека доколку полицискиот службеник на самото место, врз основа на процена на ризикот, утврди постоење сериозна опасност од семејно насилство, ќе може усно да издаде наредба за отстранување на потенцијалниот насилник од домот.

Оваа мерка формално-правно ќе важи без оглед на тоа дали лицето е формален сопственик на домот или не ставајќи ја безбедноста на жртвата на прво место.

Усната наредба, како што беше појаснето ќе има важност од 48 часа, а во рок од 6 часа полицијата е должна да му издаде писмена наредба на сторителот, да го извести надлежниот центар и веднаш да ја информира жртвата за нејзината сигурност.

Писмената наредба, како што беше укажано, веднаш се доставува до судот којшто донесува одлука брзо и без одржување рочиште.

Ова се предлог-измени на Законот за спречување и заштита од семејно насилство, кој е веќе доставен до пратениците, а како што беше посочено на брифингот во МВР, се во насока за надминување на досегашните празнини во системот, со цел полицијата да може навремено и ефикасно да превенира и да ги заштити жртвите од семејно насилство.

На брифингот исто така беше посочено дека откако ќе се смени законот ќе има шест месеци условна примена, каде треба да се донесат подзаконски акти и ќе има едукација на полициски службеници, во што ќе бидат вклучени и меѓународни партнери коишто имаат искуство во овој дел.

Со ова законско решение, како што беше посочено, се отвора можност и за примена на електронски алки во граѓанска постапка.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано