САУДИСКА АРАБИЈА ПРОДАВА НАФТА СО ПОПУСТ ПОД НИВОТО НА  РЕФЕРЕНТНАТА ЦЕНА

Саудиска Арабија ја намали цената на својата клучна сурова нафта за купувачите во Азија и ја понуди со попуст за прв пат од ценовната војна во 2020 година, во услови на пораст на глобалната понуда и посилна конкуренција меѓу производителите.

Државната компанија Сауди Арамко ја намали официјалната продажна цена на нафтата „Араб Лајт“ за испорака следниот месец за 11 долари за барел, што е 1,5 долари под регионалната референтна цена, според извештаите објавени денес.

Ова е најголемото месечно намалување на официјалните продажни цени откако се чуваат споредливи податоци, односно од најмалку 2000 година, објавија медиумите во светот.

Намалувањето се случи по привремениот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, кој им овозможи на производителите од Персискиот Залив да го зголемат извозот преку Ормуската Теснина, што дополнително ја зголеми понудата на светскиот пазар.

Некои азиски купувачи проценуваат дека саудиската нафта е сè уште поскапа од залихите од други производители од регионот достапни на спот пазарот, што укажува дека може да следи ново намалување на цената ако продолжи вишокот понуда.

„Арамко“ ги намали цените на сите видови нафта за клиентите во Европа за 15 долари за барел, додека за американскиот пазар ги намали цените за 8 долари за барел.

Аналитичарите проценуваат дека ова намалување не е знак за нова ценовна војна, туку последица на нормализацијата на испораките преку Ормуската Теснина и потребата производителите да останат конкурентни на пазарот, особено во обид да се стимулира поголема побарувачка од Кина, пренесува Независне.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано