Русија по неколку годишно тестирање почна масовно да ја воведува дигиталната рубља. Русите од денеска преку апликациите на најголемите банки ќе можат да пазаруваат со дигитални рубљи.
Дигиталната рубља не е криптовалута. Ја издава Руската централна банка, а нејзината вредност е цврсто поврзана со редовната рубља. Главната разлика е каде се наоѓаат парите. Парите на редовната сметка ги чува комерцијална банка, додека дигиталната рубља се наоѓа во паричник на платформата на Банката на Русија. Граѓаните до дигиталната рубља пристапуваат преку апликациите на банките.
Секое лице може да има само еден дигитален паричник, но може да пристапи до него од апликациите на неколку банки. Сите 12 системски важни руски банки, кои заедно покриваат повеќе од 80 проценти од пазарот на плаќања, се подготвени да им го понудат на своите клиенти новиот систем.
Другите банки ќе бидат постепено вклучени до 2028 година.
Граѓаните можат да префрлаат до 300.000 рубли месечно од своите банкарски сметки во дигиталниот паричник. После тоа, нема ограничувања за трошење или префрлање на овие пари. Сите трансакции се бесплатни за граѓаните. Не се наплаќа камата за дигиталните рубљи.
Руската централна банка нагласи користењето на дигиталната рубља е доброволна основа.
извор МИА
фото: Википедија








