Со оваа иницијатива, рудникот Саса и официјално се приклучи кон глобалното одбележување на Светскиот ден на животната средина, во рамки на кое годинава се организираат над 2200 настани ширум светот посветени на заштитата на животната средина и климатската акција.
Иницијативата, која се реализираше во партнерство со ЈП „Национални шуми“ и СОУ „Миле Јаневски Џингар“ од Македонска Каменица, имаше за цел преку практични активности и едукација да ги вклучи младите во заштитата на природните вредности на Осоговските Планини, чии делови се прогласени за заштитено подрачје.
Во рамки на проектот, ученици од средното училиште, заедно со тимот за заштита на животна средина и претставници од програмите за стручно образование од Рудник Саса, изработија куќички за птици и засолништа (т.н. „хотели“) за корисни инсекти и диви пчели, користејќи природни и реупотребливи материјали.
На Светскиот ден на животната средина, за учениците беше организирана настава во природа во шумско подрачје на Осоговските Планини. На овој час во природа, претставниците од тимот за животна средина на Саса, нивниот професор по биологија и претставниците од ЈП „Национални шуми“ ги запознаа учениците со значењето на Светскиот ден на животната средина, климатските предизвици, потребата од климатска акција и важноста на зачувувањето на биодиверзитетот. Учениците имаа можност да се запознаат со природните вредности на Осоговските Планини, специфичните растителни и животински видови, значајните живеалишта и уникатната поврзаност помеѓу човекот и природата во овој предел.
Активностите завршија со поставување на претходно изработените куќички за птици и засолништа за инсекти и диви пчели на соодветни локации во шумското подрачје, определени од страна на претставниците на ЈП „Национални шуми“.
„Веруваме дека заштитата на животната средина започнува со едукација, личен пример и активно вклучување на младите. Преку вакви иницијативи сакаме да поттикнеме поголема свест за поврзаноста помеѓу биодиверзитетот, климатските промени и одговорното управување со природните ресурси“, велат од Рудник Саса.
Оттаму посочуваат дека оваа иницијатива е само една од многуте активности што рудникот континуирано ги реализира со цел унапредување на еколошката свест, поддршка на локалната заедница и промовирање на заедничка одговорност за заштита на животната средина.
Во последните неколку години, во Рудник Саса се инвестирани повеќе од 100 милиони американски долари за модернизација на работењето на рудникот, вклучувајќи и капитални развојни проекти. Овие инвестиции овозможија Рудник Саса да работи поефикасно, побезбедно и поодговорно кон животната средина, преку структуриран систем за заштита на животната средина согласно законските барања, најдобрите достапни техники и најсовремените меѓународни стандарди во рударската индустрија.








