Долги редици возила се формираат на бензинските пумпи на анектираниот полуостров Крим, по воведените ограничувања за точење гориво за индивидуалните купувачи.
Според информации објавени преку локални телеграм-канали, на некои од пумпите прекината е продажбата на ваучери за гориво, а услугата е достапна само врз основа на постојни договори.
Шефот на Регионалната руска администрација, Сергеј Аксјонов, соопшти дека од саботата продажбата на 95-октански бензин е ограничена на 20 литри по лице дневно. Тој ги повика граѓаните да точат гориво на вообичаен начин и да не создаваат непотребни залихи.
Слични рестрикции претходно беа воведени и во областа Севастопол, каде што продажбата исто така е ограничена на 20 литри дневно по лице.
Гувернерот на Севастопол, Михаил Развожаев, изјави дека снабдувањето со гориво ќе биде зголемено и дека итните служби и градските претпријатија имаат доволни резерви и функционираат нормално.
извор МИА








