Нивото на водата во многу реки во Германија и Европа достигна екстремно ниски нивоа ова лето, а новата анализа на Европската служба за следење на климата покажува дека низ реките течела многу помалку вода од вообичаеното, со најниски просечни протоци регистрирани откако започнале евиденциите во 1992 година.
Во исто време, морињата околу Европа биле невообичаено топли, според најновиот извештај на агенцијата за климатски промени на Европската Унија, Коперникус.
Според извештајот, рекордно ниски или речиси рекордно ниски протоци се регистрирани во јули и август на многу големи реки, вклучувајќи ги Рајна, Дунав, По, Лоара, Рона и Сена, објавува Шпигел.
Ова резултирало со зголемен притисок врз наводнувањето, ладењето на нуклеарните реактори, хидроенергијата, достапноста на свежа вода и снабдувањето со енергија.
По должината на поголемиот дел од атлантскиот брег, како и во западниот и централниот Медитеран, се регистрирани рекордни или речиси рекордни температури на површината на морето.
Морските топлотни бранови можат да ја засилат топлината во соседните крајбрежни области со ограничување на ноќното ладење и зголемување на влажноста, влошувајќи го топлотниот стрес, се наведува во извештајот.
Според податоците од програмата Коперник, ова лето беше трето најтопло за целиот европски континент и најтопло за Западна Европа откако се направени мерења.
Во Западна Европа е забележана просечна температура од 21,7 степени Целзиусови, што е за 2,5 степени над просекот за периодот од 1991 до 2020 година, пренесува РТВ.
Протокот на Дунав на влезот во Романија, во близина на Базијаши, ќе биде стабилен на околу 1.350 кубни метри во секунда во следните три дена, по што малку ќе се намали и ќе достигне околу 1.250 кубни метри во секунда до 8 октомври, објави денес Романскиот Национален институт за хидрологија и управување со водите (INHGA).
Ова е значително под повеќегодишниот просек за октомври, кој изнесува 3.900 кубни метри во секунда.
Протокот на Дунав ова лето достигна најниски вредности во историјата, што доведе до затворање на два реактори на нуклеарната централа Чернавода, кои произведуваа околу 20 проценти од достапната енергија.
Фото Економија и бизнис








