Просечната цена на пакување цигари во Германија би можела да се зголеми за речиси 50 проценти до 2030 година, од сегашните приближно осум евра на речиси 12 евра.
Како што објавија германските медиуми, повикувајќи се на документот на Министерството за финансии на Германија наменет за коалициските партнери, зголемувањето на акцизите ќе биде поголемо од планот што федералната влада го усвои пред една недела.
Според новиот план, просечната цена на пакување цигари треба да се искачи на околу 9,10 евра во 2027 година, додека претходниот предлог предвидуваше цена од 8,77 евра.
Зголемувањето на цените потоа би продолжило постепено до 2030 година, кога просечната цена би достигнала 11,78 евра.
Владејачката коалиција во Германија планира поголемо зголемување на акцизите на тутунските производи од првично предвиденото.
Се проценува дека изменетиот план за зголемување на акцизите ќе донесе дополнителни 800 милиони евра буџетски приходи годишно во споредба со претходниот предлог.
Шефот на Федералната канцеларија на Германија Торстен Фрај изјави дека зголемувањето на акцизите е поврзано и со дополнителна финансиска поддршка за болниците, која федералната влада неодамна ја одобри како дел од пакетот мерки за стабилизирање на системот за здравствено осигурување.
Фото Економија и бизнис








