Килограм „вранец“ ќе се откупува за 21,8 денар, а „смедеревка“ за 20 – новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска, ги соопшти откупните цени за грозјето во кавадаречкото село Сопот.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја утврдува производната цена на винското грозје за двете најзастапени сорти во согласност со Законот за виното и методологија за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет. Во согласност со законските одредби, Министерството преку јавен конкурс избра научна институција, која ја спроведе пресметката на производната цена. Врз основа на спроведените теренски истражувања, анкети, сондажи и анализа на производните трошоци, Земјоделскиот институт – Скопје ја изготви пресметката на производната цена за најзастапените сорти винско грозје – појасни министерот Серафимовски во изјава за медиумите.
Серафимовски појасни дека откупната цена за најзастапените црвена и бела винска сорта грозје е всушност добиена откако за 25 проценти е зголемена производствената цена. При пресметката биле земени предвид сите релевантни производни параметри, вклучително и трошоците за агротехнички мерки, заштита, прихрана, работна сила, механизација, репроматеријали и други фиксни и варијабилни трошоци во согласност со методологијата.
– Производната цена е утврдена врз основа на реални податоци добиени преку теренски анкети и анализи на репрезентативен примерок на лозарски стопанства, со што се обезбедуваат објективност, стручност и транспарентност во процесот на нејзиното утврдување. За поголема транспарентност, анкетните листови беа и јавно објавени на страната на Земјоделскиот институт – Скопје посочи Серафимовски.
Министерството, нагласи Серафимовски, останува посветено на доследна примена на законските процедури и на обезбедување фер, транспарентен и предвидлив процес во интерес на лозарите и винарската индустрија, при што сите активности се реализираат во согласност со Законот за виното и подзаконските акти, што ја регулираат оваа област.
Фото Економија и бизнис








