Брзата интервенција на пожарникарите од Територијалната Противпожарна единица и на доброволците пожарникари од Доброволното Противпожарно друштво-Штип ја запре огнената стихија, која се доближуваше до првите куќи во штипската населба Кадидаре. МИА информираше дека попладнево од гром се запали сува трева и грмушки, но поради ветерот брзо се ширеше кон ридовите Клисебаир и Кумлак.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов вечерва на вонредната прес-конференција изјави дека пожарот се ширеше по непристапен терен, а граѓаните од повисоките зони можеа да ги видат огнените јазици, како се доближуваат над градот Штип, поточно над населбата Кадидаре.
-Заради силниот ветер и непристапниот терен зафати одредени ридови, кои што се веднаш до неколку населби во Штип. Веднаш екипите на ТППЕ заедно со членовите на Доброволното Противпожарно друштво излегоа на терен со целокупаната логистика, ресурси, механизација на Јавните претпријатија за да го локализираат овој пожар, кој заради непристаноста на теренот се шири-вели Јорданов.
Тој истакна дека нема простор за паника, бидејќи на терен беа мобилизирани сите институции и доброволците. Нема повредени лица, ниту пак куќи беа во опасност од огнените јазици.
Зоран Младеновски, пожарникар доброволец од ДПД –Штип рече дека пожарот е под контрола и се надева дека огнената стихија ќе се смири во текот на ноќта. На терен беа 12 доброволци пожарникари, со свои теренски возила.
Во текот на ноќта ќе се прават контроли, за да повторно не се распламтат огнените јазици.
звор МИА








